Мицкоски: Ќе водам мудра, трпелива и математички прецизна политика

Нашето враќање во Собранието не зависи од законот за јазиците, но доколку почне амамдманската расправа ќе присуствуваме и низ дебата ќе ги искажеме нашите ставови.

932

Главен мотив ми е да водам отворена и обединувачка политика, а додека сум претседател ВМРО-ДПМНЕ нема да реагирам емотивно, туку мудро, трпеливо и математички прецизно, порача вечерва лидерот на најголемата опозициска партија Христијан Мицкоски.

– Имаме проектирана цел да ја составиме идната влада, а патот тоа да го постигнеме ќе го моделираме. Единствена цел ни е да анимираме што повеќе луѓе и групи за да ја поразиме деструктивната политика што ја водат Заев и СДСМ. Периодот можеби ќе биде малку подолг, но сигурен сум дека ќе се вратиме, бидејќи граѓаните масовно се незадоволни од политиките што ги води владата во економијата, на меѓународен план и за реформите што ги ветија – рече Мицкоски во интервју за ТВ Канал 5.

Тој нагласи дека е убеден оти новата влада на ВМРО-ДПМНЕ ќе ја изведе Македонија на правиот пат и додаде дека актуелната влада е најлоша од осамостојувањето до сега. Како тензичен ден на кој се „обидувал да ги убеди луѓето да не подлегнуваат на провокациите од инженерот“ го оцени 27 април, денот кога, како што нагласи, се направи нелегитимен избор на претседател на Собранието.

– На крајот на денот најмногу изгуби ВМРО-ДПМНЕ, а доби некој друг – рече Мицкоски.

За пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ рече дека е компактна и негираше дека се прави пазар за повлекување на амандманите за законот за употреба на јазиците во замена за ослободување на приведените за настаните од 27 април.

– ВМРО-ДПМНЕ понуди решение и доколку не се прифати нема да ги повлечеме амандманите. Нашето враќање во Собранието не зависи од овој закон, но доколку почне амамдманската расправа ќе присуствуваме и низ дебата ќе ги искажеме нашите ставови – појасни Мицкоски.

За преговорите за проблемот со името со Грција потенцира дека се комплетно изолирани и новостите ги дознаваат од медиумите, а за понудените имиња од пакетот на Нимиц посочи дека ни едно не може да биде решение, бидејќи, како што рече, се македонско име на латиница. Доколку се постигне решение повтори дека треба да оди на референдум за да го потврдат граѓаните.

– За Устав и за идентитетски одредници не преговараме и ние нема да ги поддржиме – нагласи Мицкоски.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...