На денешната седница за пратенички прашања во Собранието, пратеникот Амди Бајрам упати три прашања. Тој, исто така, ја пофали Владата за одлуката децата чии родители примаат социјална помош да не плаќаат партиципација за здравствени услуги, а упати и комплимент дека оваа влада и парламентарен состав почнале да работат и да даваат резултати.
Бајрам по министерот за здравство Венко Филипче го праша што планираат да преземат во врска со тоа што после секој 15-ти во месецот нема лекови на рецепт туку само приватно, па голем дел од пациентите не можат да си дозволат да ги купат. По министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски го праша за рамноправноста на Ромите при распишувањето на конкурси за нови полицајци. Трето прашање го упати до Заев прашувајќи го кога планира премиерот да во својот кабинет да вработи некој Ром за советник.
Откако одговорија Филипче и Спасовки, на говорницата во Собранието излезе Заев кој рече дека планира до крајот на април да го пополни испразнетото место за советник за ромски прашања.
Премиерот почна да одговара и на прашањето кое се однесува за аптеките и криењето на лекови, но беше прекинат од потпретседателот на Собранието Горан Мисовски.
– Извинете премиере, но одговорот на тоа прашање беше поставено до министерството за здравство, а до вас за советник Ром и треба да одговорите само на тоа прашање. Таков е Деловникот, мораме да го почитуваме, не смееме да воведуваме пракса поинаква од Деловникот – му рече Мисовски, по што Заев си замина од говорницата.
Заев сакаше да зборува за немањето лекови после 15-ти во месецот, откако Амди Бајрам ги обвини аптеките дека ги кријат лековите и во втората половина од месецот ги продаваат само приватно.