Министерот за правда Саљији поднесе оставка поради случајот со малиот Алмир ВИДЕО

Билен Саљији посочи дека оставката ја дава од морални причини, а не под притисок или неуспех.

2934

Билен Саљији вечерва поднесе оставка од функцијата министер за правда поради, како што образложи, разнишаната доверба во судството по одлуката за преквалификување на обвинението во случајот на малиот Алмир.

Саљији одлуката на Јавното обвинителство за „сообраќајка“ ја нарече контроверзна и посочи дека веќе била оспорена од четирите јавни обвинители кои јавно го изразија своето негодување со одлуката.

– Довербата во судството почна да се враќа преку случаите „Сопот“ и „Монструм“, но сепак во овие моменти чувствувам дека оваа доверба е разнишана во јавноста, но и кај мене лично поради одлуката од пред неколку дена републичкиот јавен обвинител да ја преквалификува обвинението во случајот на малиот Алмир. Оваа контроверзна одлука беше оспорена од четирите јавни обвинители – рече Саљији.

Тој рече дека судската власт е независна и таква треба да остане, и како прв човек на Министерството за правда, поради оваа разнишана доверба, чувствува морална обврска да даде оставка од функцијата.

– Не како акт на неуспех, ниту притисок, туку како акт кој се надевам ќе биде во правец на подигнување на свеста и вниманието на институциите и на целото општество во правец на бескомпромисните реформи на правосудството – рече Саљији.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...