Милевски: Какви луѓе сме поставиле за директори во „Елемтурс“?

Милевски денеска повторно објави фотографии на кои покажува дека има снег на патеките кој е доволен за скијање и побара оставки од раководните лица во „Елемтурс“.

1436

Пратеникот и лидер на ЛДП, Горан Милевски, денеска повторно го обвини „Елемтурс“ дека ја лаже јавноста дека нема снег на Копанки и побара оставки од раководните лица.

На лагата ѝ се кратки нозете. Ветивме пред граѓаните дека ќе работиме поинаку. Лагите и манипулациите на раководството на Елемтурс и хотелот Молика се невидени. Какви луѓе сме поставиле за директори, тоа е страшно и загрижувачко.

Имено, тие во текот на вчерашниот ден се обидоа да ја изманипулираат јавноста со слики преку кои тврдеа дека на ски стазата на Пелистер нема снег. Еве ја вистината почитувани граѓани. Овие раководни лица повеќе не ја уживаат мојата доверба бидејќи мамат и сметам дека треба да си поднесат оставки“, напиша денеска на својот профил на Фејсбук, Милевски.

Вчера, „Елемтурс“ информираше дека во ски-центарот Копанки моментално нема услови за скијање поради топење на снегот и од таа причина ски-лифтот на Копанки не работи.

Од компанијата рекоа дека поради високите температури и врнежи од дожд кои ја стопиле снежната покривка, а и поради фактот дека во работните денови има многу слаба заинтересираност од посетители, одлучено е центарот да не работи во текот на неделата.

– Доколку во текот на следниот викенд, има нови врнежи од снег, повторно ќе биде отворен – ветија од „Елемтурс“.

Од компанијата тврдеа и дека поради неработењето на ски-лифот во текот на работните денови ниеден работник нема да изгуби ангажман, бидејќи за опслужување на жичарата се ангажирани сезонски работници кои имаат договор со одредено времетраење за потребите на зимската сезона.

Милевски претходно објави дека битолчани уживаат на патеките на Копанки, дека патеката е одлична за скијање и дека здравиот живот и спортувањето се единствениот одговор на загадувањето од РЕК „Битола“.

Тој побара од ЕЛЕМ да ја преиспита одлуката и да го отвори ски центарот Копанки, како и да го премести седиштето на ЕЛЕМ во Битола.

Милевски денеска повторно објави фотографии на кои покажува дека има снег на патеките кој е доволен за скијање. 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...