Помошникот на амерканскиот државен секретар за Европа и Евроазија, Вес Мичел негира дека пристигнал на Балканот со пакет, во кој, администрацијата на претседателот Доналд Трамп има конкретен план за Србија и за Косово, кој ќе биде продолжување на пакетот на Ахтисари.
Мичел изјави дека причината за неговата посета на земјите од Западен Балкан не е некаков конкретен план, со кој ќе се постават услови на Србија, туку дека дошол за поддршка на плановите за заедничка иднина на Косово и на Србија во ЕУ.
– Ги видов шпекулациите по пат за ваму и мислам дека тоа е еден многу креативен новинар. Не дојдов тука за да соопштам политички план, туку да разговарам со Косово и Србија за нивниот пат кон западната иднина – изјави Мичел.
На прес конференција Мичел посочи дека на средбата со претседателот Хашим Тачи, зборувале и за безбедноста на Косово и соработката со САД.
– Во врска со трансформацјата на Безбедносните сили на Косово во армија, разменивме мислења за уставни измени и пред претседателот реков дека никој нема право на вето врз безбедноста на Косово, посочи тој.
На прашањето дека тоа може да го стори Српска листа, Мичел директно одговори.
– САД ја подржуваат трансформацијата на безбедноснте сили и ние ќе продолжиме да ја поддржуваме оваа трансформација на сите нивоа. Мислам дека нашите пријатели во Белград се многу запознаени со позицијата на Америка и ќе го повторат ова и во Белград – нагласи Мичел.
Претседателот Хашим Тачи на прес конференцијата вети дека дијалогот меѓу Косово и Србија ќе биде завршен според она што го предвидуваат Уставот и законите на Косово, а тоа нема да вклучува размена на територии.
– Нема поделба ниту автономија за северот на Косово. Никој нема право да ја одложува демаркацјата, било од албанските партии, било оние на заедниците – истакна меѓу другото Тачи.
Амерканскиот висок функционер ќе се сретне и со премиерот Рамуш Харадинај, како и со други политичари и претставници на граѓанското општество.