Познавањето на математиката и природните науки е основа за градење логично мислење и за разбирање на другите науки, рече министерката за образование и наука Рената Дескоска на отворањето на меѓународната конференција за образованието по природни науки и математика што денеска и утре се одржува на Природно-математичкиот факултет во Скопје.
Поради намален број запишани на студии по математика се воведени стипендии за студентите по математика и физика, со цел, како што рече, студиите да бидат поатрактивни. Со таа цел е и законот за основање математичко-информатичка гимназија кој овој месец е во собраниска процедура.
Гимназијата ќе биде од посебен тип зашто ќе се изучуваат напредни програми по математика, физика и информатика. Воедно ќе служи и како центар за талентирани ученици, бидејќи покрај оние што се редовно запишани во гимназијата, ќе може да се спроведуваат и специјални напредни обуки во повеќе области за талентирани ученици кои учат во други основни и средни училишта.
– Рокот за отворање на гимназијата не е ставен во законот, туку е ставено дека штом ќе се создадат условите, Владата ќе ја донесе одлуката за отворање. Имаше две опции – едната е природно-математичката гимназија да се смести во некој постоечки објект/гимназија, и втората опција – да се изгради нов современ објект со нови простории и лаборатории што ќе биде еднакво на светските стандарди. Мојата заложба беше да одиме на втората опција, зашто во минатото сме виделе дека кога ќе се смести една институција во една просторија, тогаш многу тешко оди реализирањето на други барања. Не планираме овој септември да почне, но со надеж дека од наредната година би се отворила – изјави министерката Дескоска.
Соопшти и дека оваа година Македонија ќе биде дел од меѓународно тестирање за познавање математика и јазични вештини и МОН, рече, се обидува да ја подигне свеста кај наставниците, директорите и учениците за значењето на тестирањето за да се добијат реални резултати.
Деканот на Природно-математичкиот факултет Ицко Ѓорѓовски рече дека на дводневната конференција на нивниот факултет има околу 500 учесници од Македонија и од соседните земји.
– Убедени сме дека заклучоците што ќе произлезат од оваа конференција многу ќе помогнат дел од настанатите порблеми во образовниот процес да се избалансираат, а потоа работите да бидат и подобри. Сите наши студии се препознати во светот и нашите студенти може да отидат секаде. Во последните десетина години интересот во наставните насоки стагнира, се намалува постојано, и мислиме дека активностите на МОН ќе вродат плод. Потребна е сеопфатна реформа која би почнала од предучилишното до високото образование – рече деканот на ПМФ.
Фото: МИА