МАНУ како ветроказ на општеството!

МАНУ сака, на истата реченица, која постојано ја вергла, секој да им вели: господа, ви симнуваме капа. Друг избор и нема! Не негувам илузии дека некој им обрнува внимание на овие редови, но си велам да не бидам глув, нем и без ментален отпор во однос на немиот монопол наречен МАНУ, која преживува, менувајќи ја реченицата и почнувајќи одново, со единствена цел - да биде слеп послушник на секоја следна владеачка партија!

1326

Се разбира, постојат исклучоци, но начелно, не сум се осврнувал на дневнополитичките настани, сами по себе. Пристапот, кој се трудам да го негувам, и, само заради сопствено ориентирање го именувам со синтагмата критичка гносеологија, секако нуди поглед и на ежедневното. Зошто го велам реченово? Периодов, не ретко, и со право се зборува за нестварно големите патни трошоци на пратениците, за шундот од српски турбо фолк и сличните мизерии, кои го чинат нашето денешно општествено милје. Граѓаните се загрижени за расчистување со македонскиот примитивизам и самодоволност. Но, мизеријата има подлабок корен. Смрдежот доаѓа од главата, согласно на пословицата, и тој повеќе не може да се сокрие. Насекаде мириса непријатно. За што точно станува збор?

Немам добро мислење за изразот интелектуалец, но во оваа прилика нема да се впуштам во негово разглобување, туку ќе се фатам за некои од најдобрите, општоприфатени дефиниции, кои го определуваат интелектуалецот како човек на знаењето и човек од акција (Вебер), или, човек кој е подготвен да се спротивстави на власта, тогаш, кога таа бара од него однесување, кое не е во согласност со неговиот морален код (Чомски). Со други зборови, интелектуалецот, помеѓу другото, треба да инсистира на вистината и на спречување на мутирањето од homo sapiens во исклучив homo economicus.

Како општество поминуваме низ Сцили и Харибди, и нагласив, добро е што граѓаните отворено се прашуваат за финансиите на пратениците. Но, зачудува фактот што малкумина се тие, кои прашуваат, на пример, како се финансира МАНУ? Какво е фајдето на ова општество од МАНУ? Зошто средствата на граѓаните се одлеваат во една институција, чие име и дејност се познати, кумановци би рекле: „само за по куќу“! Зошто МАНУ има монопол? Секоја чест на поединците, но зошто институцијата МАНУ молчи, зошто останува без став и без акција за клучните збиднувања во и со земјава? Очигледно, во нашето општество, МАНУ служи само како ветроказ, кој секогаш се насочува на страната од која дува поволниот политички ветар! Зошто тогаш, луѓето на знаењето и акцијата, сѐ уште не формирале конкурентска академија на науки и уметности?!

Воопшто не ја исклучувам можноста, поедини малубројни членови на МАНУ да ја имаат украсено оваа академија со своите имиња. Но, за жал, МАНУ не ги краси нив! Оваа инертна иституција претставува жив споменик на еднопартискиот систем, чие одржување, денес го плаќаат граѓаните од свој џеб, без барем да им биде даден избор дали сакаат да го издржуваат споменикот, или, не. Истовремено, се релативизира чуденката, дали граѓаните можат да се сетат на инсистирање на вистината и официјален настап од името на МАНУ, кој изразува несогласност со официјалната политика, тогаш кога таа знаела да застрани!

Да бидам искрен, во чумата на нашево постоење, МАНУ најмногу ме потсетува на оној лик од истоимениот роман на Ками, ликот кој пишува книга. Имено, после работното време, осамениот државен чиновник Жозеф Гран, секојдневно и со своевиден таинствен ритуал, ѝ се посветува на својата книга. Тој сака, кога ќе заврши со ракописот на неговиот живот, за кој се мачи да го доведе до совршенство, издавачот да го прочита, та да стане и да им каже на своите соработници: „Господа, капите долу“! Првата реченица од романот на Жозеф Гран, гласи вака: „Едно убаво утро од месецот мај, една елегантна амазонка проаѓаше, на прекрасна црвенкаста кобила, низ расцветаните алеи на Булоњската шума“. Зафатен од чумата, Жозеф Гран ќе се најде на смртната постела и ќе му го предаде ракописот на својот пријател, давајќи му знак да чита. Љубителите на пишаната реч ќе се сетат на следната антологиска сцена. Пријателот ги зема в раце големиот број испишани листови, и внимателно прегледувајќи ги, согледува дека низ сите нив се провлекува само едната, единствена и иста, горенаведена реченица, неброено пати препишувана, поправана, проширувана или поедноставувана. Гран не може да напише повеќе од една реченица, бидејќи не наоѓа зборови со кои би се изразил. Но, месецот мај, амазонката и алеите во Булоњската шума, во секоја од тие повторувани реченици, постојано се редат и преплетуваат на најразлични начини. Во претсмртен занес Жозеф Гран бара ракописот да биде фрлен во оган. Но, кога на изненадување на пријателите, останува жив, ќе го даде познатиот и толку присушт на нашето политичко секојдневие, исказ: погрешив што го изгорев ракописот, но сѐ ќе започнам одново, на сѐ се сеќавам, ќе видите.

МАНУ сака, на истата реченица, која постојано ја вергла, секој да им вели: господа, ви симнуваме капа. Друг избор и нема! Не негувам илузии дека некој им обрнува внимание на овие редови, но си велам да не бидам глув, нем и без ментален отпор во однос на немиот монопол наречен МАНУ, која преживува, менувајќи ја реченицата и почнувајќи одново, со единствена цел – да биде слеп послушник на секоја следна владеачка партија!

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...