Малески: Руското поведение ја турка Македонија во сојузот со другите западни демократии

Добро е што македонската политика застанува рамо до рамо со Велика Британија, со Холандија, со Данска, со Шведска, со Белгија и сите други 15 земји членки на ЕУ, оцени професорот.

2195

Руското поведение ја турка Македонија во сојузот со другите западни демократии и Македонија мора да земе страна, изјави првиот министер за надворешни работи на Република Македонија, професор Денко Малески, во јавување во емисијата „Ноќно студио“ на ТВ Телма.

– Добро е што македонската политика застанува рамо до рамо со Велика Британија, со Холандија, со Данска, со Шведска, со Белгија и сите други 15 земји членки на ЕУ. И кажува дека ние сакаме да бидеме дел од демократиите. Проблемот што Русија го има со големите партнери не може да го решава преку грбот на мали држави, како што е Македонија – изјави Малески.

Во однос на можните реакциите од Русија, Малески рече дека да се покажува сила врз една мала земја како Македонија е надвор од разумот.

– Ова е голема игра што се одвива на меѓународната сцена, каде што влоговите се многу поголеми од значењето на Македонија. Македонија мора да земе страна. Практично руското поведение ја турка Македонија во сојузот со другите западни демократии – изјави Малески.

Тој посочи дека очигледно Русија нема така силен интерес за Македонија, туку со нејзината политика има завладејано она што било карактеристично во Студената војна.

– Ако можам на другата страна да и расипам проект наречен ЕУ или НАТО, ќе го расипам, зошто тоа оди на штета на другата страна за да можам да преговарам за големите теми од кои што Западот многу често ја исклучува Русија – изјави Малески.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...