Максим Димитриевски: Куманово се справува со долгови и бара чаре за питка вода

Се обидуваме да искористиме што поголеми средства од меѓугранична соработка, од ИПА фондови, но за жал, во општината не поседуваме доволен број на лица стручно обучени за изработка на проекти, вели Димитриевски.

386

Максим Димитриевски, градоначалник на општина Куманово во интервју за МИА зборува за долговите на Општината, за мерките против загадувањето, за сообраќајни решенија, и најавува реорганизација на кадарот во Општина Куманово.

Во каква финансиска состојба е општината? Имаше ли долгови и колку средства успеавте да вратите?

– Општина Куманово е во тешка материјално-финансиска состојба со вкупни обврски од 17 милиони и 490.485 евра. Обврски на општината се 278, на јавните претпријатија над 570 и на училиштата, над 110 милиони денари. Досега, долгот на општината го намаливме за 93 милиони 9.991 денар или околу 1,5 милиони евра.

Генерално, обврските се резултат на доспеаните побарувања од страна на доверителите, огромните судски пресуди против општината кои ја обврзуваат да ги исплати заостанатите обврски по основ на експропријација извршени во 80-тите, 90-тите години од минатиот век, поради настанати штети што ги претрпеле граѓаните, а се резултат на своевремените политики водени во тој период.

Во јавното претпријатие „Чистота и зеленило“ долгот е кон Управата за јавни приходи, додека во ЈП „Водовод“ кое e и најголем должник, обврската е кон водостопанство „Кумановско – липковско поле“ и кон сите тие претпријатија кои последниве петнаесетина години стопанисуваа со хидроакумулациите Глажња и Липково. Станува збор за нереални побарувања и едноставно со нивните побарувања го трансформираа „Водовод“ од најуспешно претпријатие во загубар. Во наредниот период, ќе се обидеме да ги решиме овие обврски во рамки на можностите. Ќе бараме репрограмирање на долговите, но првенствено ќе се обидеме да ја истуркаме правдата во целина, бидејќи сметаме дека општина Куманово беше обесправена сите овие години.

Поднесовте ли барање до судот да ја зголеми ставката за задолжителна законска резерва со која сега функционира општина Куманово?

– Поднесовме барање до судот да ја зголеми задолжителната законска рамка со која сега работи општината. Засега имаме рамка од 37 милиони денари на месечно ниво, бруто средства за менаџирање на општината, вклучително плати, надоместоци, образование, исплати во сите области каде што е надлежна општината. Новото барање се однесува на зголемување на рамката.

Во постапка е финансиско вештачење на буџетот и верувам дека судот ќе има разбирање за зголемување на рамката, бидејќи општината ќе може суштински да функционира. Во моментов, со оваа финансиска рамка, општина Куманово преживува, а наша обврска е дополнително да ја зајакнеме приходната страна на општината и да обезбедиме средства за реализација на проекти за градот.

Каква е состојбата со кадровскиот потенцијал, како ја затекнавте општината и кои мерки планирате да ги преземете во оваа сфера, со цел подобрување на ефикасноста на услугите што ги нуди општината за граѓаните?

– Во општината вработени се 260 лица, најголем дел административни службеници, дел помошно-технички персонал, тука се опфатени и вработените во противпожарната единица кои согласно Законот потпаѓаат под локална самоуправа, има десетина лица вработени преку Агенција за привремени вработувања, претежно технички персонал. Сметам дека може да се зголеми капацитетот на административните службеници и лицата кои се вработени во општината. Имам впечаток дека тие кои даваат најмногу, најмалку добиваат. Затоа, ќе мора да поминеме низ процес на реформи за да се направи реорганизација. Во тек е подготовка на нова систематизација која ќе се прилагоди кон реалните потреби на општината и граѓаните. Оваа систематизација сега сметам дека е прилагодена кон потребите на вработените и тоа би го променил во наредниот период, секако со поддршка на Советот и добиена согласност од надлежното Министерство, со цел да се направи вистински сервис на граѓаните. Ќе мора секој јавен службеник да разбере дека тој е на работно место поради граѓаните, а не обратно. И тоа ќе биде нашата максима според која ќе се водиме и работиме.

Кога ќе се преземат овие мерки?

– Веројатно во следниот период, месец, два, таа работа ќе ја привршиме и ќе пристапиме кон реформите. Се обидов да им дадам можност на сите во општината. Во моментов ги скенирам состојбите и точно знам со кого можам, а со кого не можам да работам. Има квалитетни луѓе кои можат да дадат многу, сметам дека треба да се направи одредена реорганизација со која вистинските луѓе би ја добиле можноста да менаџираат со процесите на давање услуги на граѓаните.

Дали ќе ги менувате раководителите на секторите?

– Да, дефинитивно.

Вработените во општината се сместени во четири одделни згради, објекти во централното градско подрачје. Планирате ли сите вработени да ги сместите во една зграда?

– Општината има доволно простор со кој располага. Имаме простор земен под закуп, поранешната дирекција на компанијата „Козјак“. Во моментов сме дисперзирани на четири локации, оваа зграда, старата општина кај Катастар, дирекцијата и Занаетчискиот дом. Во постапка сме и бараме од Владата на РМ да ни го отстапи просторот на поранешниот Архив, кој е составен дел од Занаетчискиот дом, да ја заокружиме таа целина и да може да се уреди и конечно да го реконструираме целиот објект, откако ќе добиеме имотен лист.

Немаме пресек со каков имот располага општината, но наскоро ќе направиме. Сето она што значи државен имот на подрачје на општина Куманово, а кој не го користи ниту една институција ќе го побараме. Ќе ги побараме и спортските објекти во градот да се вратат и дадат на управување и менаџирање на општината. За нив имаме сериозни планови во делот на отварање на ново јавно претпријатие или оддел од постоечко јавно претпријатие кое ќе биде наменето за спорт. Овие спортски комплекси ќе бидат доведени во функционална состојба и подоцна ќе им ги понудиме на спортските клубови со одредена надокнада или во форма на спонзорство од општината. Но, најбитно е да има некој да се грижи за нив. Во моментов нив ги стопанисуваат поединци кои едвај ги одржуваат, а некои од нив секојдневно ги гледаме како пропаѓаат.

Она што беше клучно во кампањата со која настапивте на изборите беа ветувањата за решавање на сообраќајниот метеж и намалување на аерзагадувањето во градот. Што планирате да преземете за надминување на овие проблеми?

– Имав повеќе приоритети во програмата. Еден беше водоснабдувањето, во Кумановско сѐ уште има села како Пчиња, Романовце, Табановце, други места кои немаат водоснабдување. Жителите се снабдуваат преку бушотини, што е недозволиво за 21 век. Веќе е нарачан проект за водоснабдување на Пчиња, со кој ќе се извршат геолошки истражувања за издашност на алтернативни бунари кои се незагадени и кој ќе покаже дали во Пчиња ќе може да се реши бунарски систем за водоснабдување или ќе се дисперзира постоечката мрежа на ЈП „Водовод“. Проблемот во Романовце е надминат. Општината набави пумпа, а сега сме во фаза на набавка на електромотор за да биде решено водоснабдувањето. Остануваат проблемите во другите села кои ќе се надминат.

Вториот проект е сообраќајниот метеж. Работиме на изработка на сообраќајна студија која ќе се работи подолг временски период. Распишавме јавен повик за изработка на идејно-проектна документација за изградба на катни гаражи во форма на урбана опрема кои ќе бидат поставени на три локации, кај „Берза“, зад „Су-ма“ и во „Серава“. На тој начин граѓаните ќе имаат каде да се паркираат и да се дислоцираат од улиците. Во моментов, проектот „нулта толеранција за узрупација на јавно-прометни површини“ вроди со плод и секогаш има слободни паркинг места насекаде во градот и нормално да се плати за таа услуга. Со зголемување на бројот на паркинг места ќе дадеме поголеми можности, граѓаните да не се паркираат каде што ќе стигнат. Упатувам апел МВР да преземе мерки, а возачите совесно да паркираат, затоа што денес во Куманово најтешко е да си пешак. Јас во овие четири години ќе го променам тоа, а ќе учествуваат сите, општината со инвестиции и секој граѓанин со одговорност и лична перцепција што значи да си дел од урбана, модерна заедница.

Главниот приоритет е здравјето на граѓаните. Куманово мора сериозно да се справи со загадувањето. Усвоивме акциски план, стратегија со која веќе делуваме. Дадовме субвенции од 150 евра за домаќинствата кои сакаат да се приклучат кон гасоводната мрежа. Извршивме аеросолизација во соработка со два факултети со која имаме одлични резултати и во иднина со набавка на соодветна опрема ќе се применува. Досега засадивме нови 900 садници, ќе продолжиме со обнова на садниците во парковите. Пак ќе напоменам, ова е процес и ќе мора граѓаните да се однесуваат совесно кон зелените површини и урбаната опрема. Немаме канти, општината поставувала, а некој ги уништил, исто е и со клупите кои ги поставивме минатиот месец. Апелирам до граѓаните да го пријавуваат несовесното однесување на поединци до надлежните органи.

Кои инвестиции ги планирате за проширување или изградба на градинки и училишта?

– Градинките и училиштата се приоритет. Во Куманово нема изградено детска градинка и училиште со децении. Последното училиште е изградено 1983-та година. Распишавме јавна постапка за идејно-проектна документација за изградба на нова мултиетничка градинка на улицата „Бајрам Шабани“ и верувам дека со Министерството за труд и социјална политика ќе обезбедиме средства да го реализираме овој капитален проект. Има интерес и поддршка од Министерството.

Имате ли предвидено проекти кои се би се реализирале преку јавно-приватно партнерство?

– Размислуваме, но јавно-приватно партнерство е енигма за Македонија. Сѐ уште нема реализирано крупни проекти во државата. Отпочнуваме со подготовка на студија за пресек на состојбата со уличното осветлување. Тука можеби ќе се примени јавно приватно парнтерство во општината каде што приватниот субјект кој би се јавил на огласот што ќе го распишеме, би го променил уличното осветлување во градот со ново современо осветлување, со цел да се добие квалитетно осветлување и заштеда на долгорочно ниво.

Многу копмании кои се заинтересирани за инвестирање во општината бараат урбанистички организиран простор, кој мора да бидам искрен, ние го немаме. Имаме економска зона во Новине и Речица која функционира само на хартија, немаме реални вложувања. Потребни се околу 4, 6 милиони евра, средства за изградба на комплетна инфраструктура за да има што да се понуди на инвеститорите. Во преговори сме со Владата да изнајдеме средства за етапно вложување.

Кои клучни проекти би ги реализирале со соседните општини од регионот преку Центарот за развој на североисточниот плански регион?

– Регионалниот развој во државата е запоставен, средствата кои се одвојуваат од државата за развој на регионите се скромни. Три милиони евра за развој на североисточниот плански регион, каде што имате шест најнеразиевни општини во Македонија, појдете од Липково завршете со Ранковце, со три милиони евра не се развива регион. Тоа што досега е работено вообичаено е врзано со изградба на патишта за поврзување на општините. Имаме реализиран проект, патот Четирце- Никуљане, компленто е изведен, општината има обврска да плати дел од таа инвестиција.

Оваа година на општина Куманово ќе и пристигнат околу 160.000 евра да се инвестираат во проект. Тие средства, во согласност со колегите од регионот ќе ги искористиме во докапитализација на градскиот базен и изградба на хотел, бидејќи во Куманово имаме недостиг на хотели. Сите средства кои ќе се доделат на Куманово ќе бидат насочени за изградба на инфраструктра, бидејќи има многу да се инвестира. Куманово е непокриено со фекална, атмосферска канализација, има неасфалтирани улици. Ќе ги средуваме комуналните проблеми однадвор кон внатре од приградските населби кон центарот. Засега финансиската ситуација е неповолна, но и покрај тоа во првите 100 дена реализиравме повеќе од 50 проекти.

Дали ќе побарате средства со аплицирање до меѓународни организации, амбасади, европски пари за инфраструктурни проекти?

– Ние тропаме на секоја врата. Се обидуваме да искористиме што поголеми средства од меѓугранична соработка, од ИПА фондови, но за жал, мора да констатирам дека во општината не поседуваме доволен број на лица стручно обучени за изработка на проекти, бидејќи сите тие средства се добиваат на база на претходна апликација која е поткрепена со проект и никој не гарантира дека доколку се изработи проектот ќе ги добиете тие средства. Тоа е еден вид лотарија, секако дека ќе се обидеме и ќе изработиме поголем број на проекти за да истите бидат валоризирани 2020-21 година.

Колку средства од опшитнскиот буџет ќе бидат одвоени за комуналната инфраструктура?

– Изградба на малите улички, основна инфраструктура е секојдневие, но за жал, со ваква финансиска состојба, тогаш тоа се смета за сериозен проект. Куманово го плаќа данокот што 13 години немаше капитални инвестиции, финансирани од државата. Општините како што сега се поставени немаат финансиска можност да градат сами училишта, спортски сали, како што претходно, три се изградија во Куманово, спортски комплекси како што се изгради градскиот базен.

Поради тоа, ние сега имаме состојба да немаме елементарни инвестциии во основна инфраструктура, бидејќи дел од тие средства беа потрошени во капиталните кои што требаше државата да ги финансира, како што тоа беше случај со останатите градови, така требаше да финансира и во Куманово. Сега очекуваме сериозен проект во водоснабдувањето во дел на имплементација на скада системот за водоснабдување каде ќе успееме после една и пол година да ги намалиме загубите на вода во системот и на тој начин поуспешно функционирање на претпријатието.

Александра Максимовска

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...