Македонците неписмени за купување на интернет или немаат пари?

776

Само 19,5 отсто Македонците кои имаат пристап до интернет, за една година нарачале нешто преку интернет, додека 59 отсто од граѓаните иако имаат пристап до интернет никогаш ништо не нарачале онлајн. Најчесто онлајн се купува електроника, облека и играчки.

Овие податоци беа презентирани на денешната прес-конференција на Асоцијацијата на е-трговија во земјава.

Претседателката на Асоцијацијата Нина Ангеловска рече дека во земјава постојат сите предуслови за развој на е-трговијата, но населението е недоволно образовано за пазарување на интернет.

– Вкупно 18 отсто од оние кои никогаш не купиле ништо на интернет не го сториле тоа бидејќи немаат потребни вештини. Ниско целокупно ниво на дигитални вештини како процент од вкупното население е 42 отсто наспроти 26 отсто во ЕУ. Интернетот граѓаните го користат за користење на социјални мрежи, телефонирање и видео повици и играње и симнување игри – рече Ангеловска.

За министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски, пак, ниското ниво на купување на интернет не е резултат на недоволната обученост на граѓаните туку ниските примања и блокираните сметки.

– Граѓаните имаат празни картички. Во минус се – прокоментра Манчевски.

Како втора причина за ниското ниво на онлајн купување во земјава, Ангеловска, пак, ја посочи малата понуда на пазарот па затоа најголемиот процент на купување онлајн се реализирало кон странство главно Европа, а мал процент, 31 отсто, во земјава.

Вредноста во е-трговијата, според податоците од НБРМ, изнесува 105 милиони евра во 2017 година што претставува 21 отсто пораст споредено со 2016 година. Од овие 105 милиони евра 71 отсто се кон странски е-трговци. Тоа значи 31,9 милиони евра кон македонските е-трговци.

Податоците, покажуваат дека земјава, сепак има добри услови за развој на е- трговија, зашто 74 отсто од населението користи интернет.

– Имаме 1,8 милиони издадени платежни картички или 0,9 по глава на жител (за компарација во ЕУ просекот е 1,5), од аспект на можноста за процесирање на трансакции во моментот 5 од вкупно 14 банки нудат можност за е-трговија за е-трговците преку 3 различни платежни процесори. Понатаму, имаме одлична покриеност на поштенска испорака, имаме регулативи и закони кои се потребни за е-трговијата. Ако сево ова го погледнеме ние „на хартија” сме спремни за развој на е-трговија. Според UNCTAD индексот, всушност, сме рангирани на 41. место од вкупно 130 анализирани економии во 2015 година – рече Ангеловска.

Европската статистика пак вели дека 68 отсто населението кое има пристап до интернет направило онлајн нарачи.

Во земјава има 789 виртуелни продажни места, од кои активни се 578 веб страни на е-трговци. Во оваа вредност треба да имаме предвид дека се земени и плаќањата сметки преку е-commerce каналите за телефон, вода, струја, владини услуги и сл.

Говорниците на денешната прес-конфернеција, министерот Манчевски и гувернерот на Народната банка, Димитар Богов се согласни дека најголем проблем за развој на онлајн продажбата е безбедноста на трансакциите на што интензивно се работи во светот и кај нас.

Ианку, како што истакнаа во своите дискусии, во земјава се работи на подобрување на законската регулатива.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...