Се чини дека, некако забрзано, се дели последната рака карти во македонската партија покер, пред почетокот на финалниот турнир закажан за, некаде, овој јуни. (Драматиката на оваа аналогија со покерот некако ми легна повеќе од, да речеме, кога би ја употребил поопуштената шаховска метафора, со црно-бели фигури, гамбити, рокади, со ловечки отворања и скандинавски одбрани…)
Да, таму некаде, накај јуни, е времето кога ќе се донесуваат важните одлуки за евро-атлантската иднина на Македонија, па затоа сега е вистинскиот период кога треба влоговите да се зголемат, да се направи подготовката за играта на сè или ништо, со многу блефирање, со скриени адути низ ракави и, тука и таму, со бележени карти…
На што мислам?
На пример, дали забележувате како, за еден месец, се формираа 4-5 нови политички партии, речиси „од никаде“, како печурки по дожд?! И сите, некако, со десничарски, националистички, конзервативни, главно анти-западни, па и отворено про-руски платформи? Бреееј, што бујна демократска пролет ќе беше ова, како вчера да падна комунизмот… Низ хотелскиве сали во Скопје не можеш ни свадба, ни крштевка да закажеш од полуанонимни, но ненадејно разбудени демократи кои тргнале нови партии да промовираат!
Оваа наглост се должи и на нешто друго. Имено, по дебаклот од 27 април, по формалната демисија на Фамилијата од ВМРО-ДПМНЕ и со нејзиното (на Фамилијата) селење низ коридорите на Кривичниот суд во Скопје, политичко-кадровските промени во таа партија, очигледно, не се сосема по вкусот на разно-разни домашни и странски политички кујни. Новиот лидер Мицкоски, додуша, својски се труди да поттикнува разно-разна хистерија во јавноста, но факт е дека цело време говори оти е подготвен да седи на масата каде што се договараат реформите и да продолжи да го поддржува македонскиот про-западен, евро-атлантски пат. Човекот делува по малку панично и, така, троа усплахирено, како некој со шилец да го боде в газ.
Како и да е, сето тоа не го прави доволно кредибилен за оние кои имаат други желби и планови за Македонија. Ним им треба поголема конфузија во јавноста, далеку повеќе магла и смут, им треба „инфузија“ со „свежа крв“ на партиската сцена, нови политички говорници, страсни оратори на кои сите наши реални и имагинарни стравови ќе им бидат не само главната, туку единствената политичка храна и дневна преокупација.
Ооооо, да се разбереме, никој не очекува дека тие – боже пази – ќе достигнат некаква важна политичка релеванција; ма, неее, тие се тука само со една цел: да држат прес-конференции, да даваат изјави, да бидат викани за гости по медиуми, епохално да ни го трошат времето и енергијата и да твитаат и постираат содржини со кои ќе се пропагира крајот на (македонскиот) свет, од различни аспекти, но не за повеќе од два-три месеци од сега. Да речеме, кога во дневните вести ќе го имате Заев или Мицкоски со по една изјава, тие да дадат барем уште пет-шест други кои со својата реторика и секундажа ќе го „поклопат“ сето она што овие го кажале. Тие се тука да создаваат атмосфера, да ја потхрануваат и поттикнуваат нестабилноста, да ѝ даваат што подолготрајно ехо на пропагандата што некој друг ја мисли.
Но, не се води таа операција само од зад говорниците. Допрва се „загреваат“ силите на терен. Ете, речиси сум сигурен дека Мицкоски нема поим кој ги вади овие по 50-100 души, на различни локации, на „спонтани“ протести по повод Законот за јазиците, особено не за оние насилните, кои се собираат пред домовите на пратениците од Собранието. Неговиот проблем е што таквите сите ги мислат за вмровци, а тој, реално, нема никаква контрола врз нив и нивното однесување. Таа контрола се води од други центри.
Впрочем, не ја игра ВМРО-ДПМНЕ прв пат оваа партија покер за да не знае дека картата е курва, се извинувам што пцујам, но јас само раскажувам онака како чујам, па ако ме лажеле мене и јас ве лажам вас…