Во плитка гробница на околу 80 километри од Сакраменто, Јужна Калифорнија, е пронајдено женско тело за кое се верува дека е на македонската актерка Адеа Шабани која исчезна пред повеќе од еден месец, јавуваат американските медиуми.
Локалниот шериф во местото Ел Чико во Невада, Лос Анџелес вчера беше на лице место заедно се полициските единици на Лос Анџелес. Од полицијата изјавија дека детективите веруваат дека станува збор за телото на 25-годишната актерка, но поради состојбата во кое е пронајдено не може стопроцентно да тврди дека се во право. Процесот на идентификација трае неколку денови.
Шабани последен пат била видена жива на 23 февруари околу 11 часот, помеѓу булеварот Холивуд и авенијата Френклин, во близина на нејзиниот дом. По исчезнувањето во САД заминаа и нејзините родители, каде ангажирале и приватен детектив. Тие заедно со полицијата нудеа и 25.000 долари за нејзино пронаоѓање или каква било информација која ќе помогне.
Викендов, пак, момчето на Шабани, 33-годишниот Крис Споц изврши самоубиство пукајќи си во глава откако претходно бегаше од полицијата.
Неговото име се поврзува со исчезнувањето на македонската актерка бидејќи како што пишуваа дел од американските медиуми, наводно постоел сведок кој видел како Шабани била насилно турната во багажникот на автомобилот на Крис.