Македонијо, брзо забораваш!

Ограбените пари од народот уште никој не ги враќа, а главните виновници и натаму слободно шетаат и насмеани излегуваат од судниците.

5747

Овој текст ќе го започнам со една мала споредба, преку која ќе се обидам да допрам до сите оние граѓани кои гласале за промени и за живот во Македонија. Марширавме заедно, протестиравме, сонувавме пред секои избори за некој симболичен успех и постојано губевме бидејќи „народот бил многу паметен, дури и кога погрешно гласал“.

Меѓутоа, по повеќе години постојана манипулација на ДПМНЕ и на неговата криминализирана клика беше разголена машинеријата за добивање на сигурно „изборно бинго“. Махерите употребувале и државни пари и поткупи на медиуми и интелектуалци, прислушувале, купувале гласови, апселе, малтретирале, фалсификувале, фабрикувале изборен материјал, лажни гласачи, лажни лични карти, бугарски возови, протести пред седиштето на опозицијата. Овие аномалии денес станаа дел од препознатливиот идентитет на ДПМНЕ и тоа никој во Македонија не смее да го заборави. СДСМ воопшто не им возврати, туку напротив и во опозиција тие дрско протестираат пред пратениците на власта. Евидентно е дека ментално сѐ уште се во 2010-та и се доживуваат како неприкосновени господари на Македонија. Убеден сум дека ги има зафатено „синдромот на митоманијата“. Едноставно лажат и се залажуваат, живеат во сопствен филм и натаму играат нечесно и безобразно.

Пост-груевизам

Во 2010-та мислевме дека „победата врз груевизмот не е можна“. Но бевме убедени дека „штом еднаш ќе падне, автоматски ќе исчезне криминалот, невработеноста, вообразеноста на политичарите… и „ќе дојде животот“.

Во 2018-та сфативме дека пост-груевизмот не е така едноставна работа. Еуфоријата од падот на „фамилијата“ и успехот на „македонската пенкало револуција“ непотребно им одстапи место на песимизмот и загриженоста. Корените на пост-груевизмот се длабоки. Овој феномен се одликува со постојано одолговлекување во решавањето на „едноставни проблеми“, создавање на „вештачки пречки“ и „недостаток на поголема решителност“ во функционирање на институциите, пред се на судската власт. Но состојбата не е многу розева и во други сфери.

Анонимниот диктат на претходната власт е заменет со анонимниот диктат на тајкуните, богаташите и бирократите од претходниот режим. Теориски, оние што му служеа на Груевски и на таа основа направија големи богатства, би требало да се големите губитници. Меѓутоа наместо тоа, тие и натаму владеат. Благодарение на валканите пари никој не може да ги победи на ниту едно тендерско надавање. Наспроти нив, теориските победници на промените, оние што му се спротивставуваа на груевизмот и беа жртви на неговиот режим и осиромашија, сеуште се сиромашни и без работа. Невработените од епохата на груевизмот и натаму се невработени. Малите работодавци кои се надеваа на ренесанса и натаму се сиромашни. Ограбените пари од народот уште никој не ги враќа, а главните виновници и натаму слободно шетаат и насмеани излегуваат од судниците.

Замолчените ќелии на ДПМНЕ

Институциите во РМ по 11 годишната голгота на еднопартизмот на Груевски сеуште се хендикепирани и полуфункционални. Претходно се функционираше од центарот на неговата партиската моќ. Ништо не смееше да се реши без учеството на јакобинецот. Дури се мешаше и во видот на експлозивот со кој беше срушен „Космос“ на Фијат Цаноски. Веројатно заради неговата кадровска политика дали Миле заслужува да е хигиеничар а Трајче курир, или дали Цуле-вратарот ќе стане директор, постојано доцнеше на сите меѓународни средби. Денес дел од вработените по партиска линија личат на „замолчени ќелии“ и трпеливо продолжуваат да си работат за некогашните доброчинители. Во најдобар случај имаат доблест да кажат дека тие навистина се од ДПМНЕ но она на Љубчо Георгиевски, кој бил противник на Груевски. Од друга страна почитувајќи ги европските препораки, Заев се откажа од политичкиот реваншизам, што им даде крилја на истомислениците на Груевски.

Целата таква папазјанија влијаеше врз многу симпатизери за промените постепено да почнат да искажуваат незадоволство и разочараност од владата на Зоран Заев и коалицијата. „Очекувавме револуционерни и брзи промени и казни за сите за еден релативно кус период за оние што ја упропастија Македонија а имаме чувство како се да стои во место“. Но сепак кога малку ќе го стабилизирате темпераментот и ќе станете рационален, сфаќате дека тоа не е така едноставна работа. Појдов од праксата и примерот на чесните и трудољубиви деловни луѓе на кои им требало од 10 до 15 години деноноќно работење за да ја стабилизираат и издигнат својата мала приватна фирма. Тоа непишано правило многу добро им е познато на оние чесни еснафи и бизнисмени, кои со пот, мака и многу вложен труд станале газди на успешни компании. Македонските тајкуни кои преку ноќ изградија империи врз основа на нелегалното стекнато богатството се мерат со руските мултимилионери. Успешно ги переа парите со „странските инвестиции“ од Девествените острови и останатите „фискални раеви“… убедени дека ниту СЈО ниту било кој суд може да им пресуди. Мечтаат повторно да се вратат на власт, да си го земат судството под свое и да продолжат онаму каде што застанаа во 2016-та.

Од друга страна, голем број учесници во битката против авторитаризмот и популизмот на Груевски меѓу кои се и оние кои цело време молчеа, но во последната година-две се преориентираа очекуваат добитна комбинација. Тоа што не успеале да реализираат во времето на владата на ДПМНЕ убедени се дека ќе го реализираат сега. Бараат за една година Заев да ги реши сите проблеми во држава, да ги вработи сите невработени, да ги врати сите иселеници од белиот свет и да сервисира уште еден куп работи.

Никогаш не смее да се заборави

Мојот пријател Никола, архитект од Лиеж кога го виде скопскиот плоштад буквално експлодира: „Овој архитектонски масакр на Скопје никој не смее да го заборави. За такво злосторство во Европа би се организирале специјални НВО-а и центри за културна деконтаминација, а Скопје 2014-та би станал пример за невкус и инфантилизам во сите учебници“. Оваа грдосија не е нешто што поминува како лошите вести и бргу се заборава туку е системски споменик кој ќе постои и ќе потсеќа на едни времиња кои ги изеле скакулците. Времињата на апсолутизмот се минато, и тоа никој од нашата генерација не смее да ги заборави, дури и по цена повремено да се нервираме на некои потези на Заев.

Новата демократска атмосфера која заживеа по 11-ти јуни 2017-та, им овозможи на граѓаните слобода на изразување слична на онаа што ја промовира Горбачев и ја нарече „гласност“. И во РМ по „медиумскиот мрак“, завладеа „гласноста“. Денес секој критикува и тоа е здраво за нашата демократија. Од социјални мрежи до пишани и електронски медиуми. Наспроти тоа меѓу 2008-ма и 2014-та не смееше да се напише ниту еден статус со критика или сатиричен осврт кон јакобинецот и неговата партија. Ни се закануваа со кривични пријави и уцени. Слично беше и со електронските медиуми. Освен 2-3 медиуми, неколку храбри колумнисти и два пишани медиуми како Слободен печат и Фокус, останатите со голема самопонижувачка доза го фалеа режимот на Груевски. Меѓутоа тие истите кои беа верни служители на власта, денес го дигнаа гласот против владата во името на „вистинското новинарство“ и „слободата на информирање“. Не се сомневам дека сите ние на свој начин ја сакаме и почитуваме нашава Македонија. Убеден сум дека чекориме по вистинскиот пат за прв пат, можеби во нашата современа историја. Сакам да сугерирам на сите мои пријатели и пријателки со кои ја изнесовме Шарената револуција да бидеме трпеливи и да ги оставиме на раат луѓето за кои гласавме, да си ја работат работата и да им дадеме уште посилна поддршка. Не смееме да си дозволиме да ја заборавиме голготата од изминатите 11 години криминал и деспотизам. Не смееме да си играме со судбината и да заборавиме на сите жртви, апсења, сомнителни загинувања, убиства, криминални досиеа, уништувања на цели семејства, неокласичните архитектонски глупости на кои ни се смее секој Европеец со чувство за естетика, провизиите, криминалите, дезавуираното судство, медиумскиот мрак, прислушувањата… Зарем ова може да се заборави и да се каже: „Овие се исти како претходните… следниот пат ќе гласам за ДПМНЕ.“

Јас нема да ги лицитирам успесите кои светската заедница веднаш ги препознава. Не сум и да се премолчуваат грешките, бидејќи транспарентноста, медиумите, независноста на судството, појавата на корупцијата, можат да се победат само со помош на ефикасна контрола врз оној кој е на власт. Се надевам дека Македонија, а овде мислам на сите граѓани независно од нивната етничка припадност, нема да заборави што се е направено за да се врати демократијата и слободата. Ни останува обврската да го победиме национализмот, да ја довршиме имплементацијата на Охридкиот договор, да им овозможиме на припадниците на најголемата етничка заедница да се почувствуваат рамноправни и заедно да градиме европска и современа држава. Како што пееше Тоше, „Ние парче од Европа сме” и тоа е нашата најголема вредност за која вреди да се потрудиме.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...