Денеска на покана на министерот за надворешни работи Никола Димитров, во официјална посета на Република Македонија престојуваше потпретседателот на Владата и министер за надворешни и европски работи на Република Хрватска, Марија Пејчиновиќ Буриќ.
Министерот Димитров се заблагодари на конзистентната поддршка која нашата држава ја добива од Република Хрватска за полноправно членство во ЕУ и НАТО. Буриќ ја реафирмираше силната поддршка на Република Хрватска и изрази надеж дека Република Македонија наскоро ќе ги отпочне пристапните преговори за членство во ЕУ и ќе стане полноправна членка на НАТО Алијансата.
Соговорниците се согласија дека одличната соработка во разни области меѓу двете пријателски држави ќе продолжи, а воедно ќе се работи и на унапредување на економската соработка, со можност за заеднички настап на македонските и хрватските компании на трети пазари. На средбите се разговараше и за процесот на пристапување на Република Македонија кон Јонско-Јадранската иницијатива.
– Оваа посета доаѓа во време кое за нас е многу значајно и оттаму, исклучително сме благодарни на поддршката која ја добиваме од Хрватска. Ни требаат вашите совети и вашата мудрост. Од членството во евро-атланското семејство најголем бенефит ќе имаат граѓаните на Република Македонија, но и Регионот и Европа – изјави Димитров по средбата.
Ова беше прва официјална посета на Република Македонија од страна на хрватски министер за надворешни работи по подолг период, а се очекува и министерот Димитров да оствари возвратна официјална посета на Република Хрватска.