Македонското Министерството за надворешни работи синоќа соопшти дека протерува еден дипломат на Руската Федерација, поради случајот Скрипал.
Руски дипломат ќе биде протеран од Македонија во момент кога во најмалку 19 држави во светот денеска се преземаат такви потези поради труењето со нервен агенс на двојниот руски шпион Сергеј Скрипал во британскиот град Солсбери.
Одлуката на македонското МНР е донесена по консултации со сојузници и партнери од ЕУ и НАТО.
„Министерството за надворешни работи во тесна консултација со нашите сојузници и партнери од ЕУ и НАТО и во солидарност со Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска, одлучи да протера еден дипломат на Руската Федерација во Република Македонија заради случајот Скрипал“, соопшти МНР.
„Нелегалното користење воено хемиско оружје е спротивно со меѓународното право и тоа влијае на безбедноста на сите земји“, се додава во соопштението на македонското МНР.
Потегот е преземен согласно Член 9 од Виенската конвенција за дипломатски односи од 1961 година.
– Денеска ги известивме руските власти за нашата одлука да протераме еден руски дипломат, во тесна консултација со нашите партнери и сојузници, во целосна солидарност со Велика Британија, како и да ги заштитиме сопствените безбедносни интереси на Македонија – напиша синоќа на Твитер шефот на македонската дипломатија Никола Димитров.
Руската амбасада синоќа на Твитер објави дека македонската страна ќе ги носи последиците од протерувањето на рускиот дипломат.
– Владата донесе одлука да протера руски дипломат. Целосна одговорност за последиците од оваа провокација и исклучително непријателски чин без преседан во руско-македонските односи ќе ја носи македонската страна – објави руската амбасада на Твитер.
Британскиот амбасадор во Македонија Чарлс Гарет ја поздрави одлуката на македонското МНР, да протера еден руски дипломат од земјава.
– Ја поздравувам одлуката на Македонија, како дел од една исклучителна, обединета акција од меѓународната заедница против рускиот напад со нервен гас на британско тло. Моќен израз на солидарност – напиша амбасадорот Гарет на Твитер.
Првиот министер за надворешни работи на Република Македонија, професор Денко Малески, синоќа рече дека руското поведение ја турка Македонија во сојузот со другите западни демократии и Македонија мора да земе страна.
– Добро е што македонската политика застанува рамо до рамо со Велика Британија, со Холандија, со Данска, со Шведска, со Белгија и сите други 15 земји членки на ЕУ. И кажува дека ние сакаме да бидеме дел од демократиите. Проблемот што Русија го има со големите партнери не може да го решава преку грбот на мали држави, како што е Македонија – изјави Малески.
Во однос на можните реакциите од Русија, Малески рече дека да се покажува сила врз една мала земја како Македонија е надвор од разумот.
– Ова е голема игра што се одвива на меѓународната сцена, каде што влоговите се многу поголеми од значењето на Македонија. Македонија мора да земе страна. Практично руското поведение ја турка Македонија во сојузот со другите западни демократии – изјави Малески.
Од 14 земји членки на Европската унија ќе бидат протерани најмалку 30 руски дипломати во глобална координирана акција како одговор за Москва поради случајот Скрипал.
Во таа листа, најмногу ќе бидат протерани од Германија, Франција и Полска од каде се очекуваат заминувања на по четири дипломати.
Претседателот на Европскиот Совет, Доналд Туск, информираше дека не се исклучени дополнителни европски мерки, како што се натамошни протерувања дипломати.
Американскиот претседател Доналд Трамп нареди протерување 60 наводни руски шпиони од САД како одговор на труењето на Сергеј Скрипал и неговата ќерка Јулија со нервен агенс во британскиот град Солсбери на 4 март. Трамп нареди и затворање на рускиот Конзулат во Сиетл.
Британските власти ја поздравија одлуката на државите за протерување руски дипломати.
– Гледам голема солидарност од нашите пријатели и партнери во Европската унија и во НАТО, САД и други држави… Заедно испраќаме порака дека нема да ги толерираме руските обиди за кршење на меѓународните закони и поткопување на нашите вредности – изјави британската премиерка Тереза Меј во Парламентот.
Руското Министерство за надворешни работи денеска оцени дека протерувањето на руски дипломати од западните држави е „непријателски чекор“ и најави дека ќе реагираат на него.
Листа на земји кои одлучија да се придружат на глобалната координирана акција за протерување руски дипломати:
– САД – 60
– Украина – 13
– Канада – четворица
– Полска – четворица
– Франција – четворица
– Германија – четворица
– Литванија – тројца
– Чешка – тројца
– Холандија – двајца
– Данска – двајца
– Шпанија – двајца
– Италија – двајца
– Естонија – еден
– Романија – еден
– Хрватска – еден
– Финска – еден
– Летонија – еден
– Шведска – еден
– Албанија – двајца