Во јавниот сектор во Република Македонија работат 128.722 лица, вработени преку Агенциите за привремени вработувања. Дополнителни 8.6333 лица се вработени во акционерските друштва кои се во 100 отсто државна сопственост.
– Во споредба со декември 2016, бројот на вработени преку Агенциите за привремени вработувања е намален за 950 лица. По децении имаме надолни линии на вкупниот број вработени. Причините се што вработувањата се правеле согласно потребите на партиите, а не на институциите – рече министерот за информатичко општество и информатика Дамјан Манчевски.
Во акционерските друштва, пак бројот на вработени во споредба со мај 2017 се намалил за околу 400.
Кога е во прашање бројот на институции во јавниот сектор тој изнесува 1.304, без акционерските друштва бројот изнесува 1.299. Станува збор за претпријатија чии основачи се Владата, Собранието, претседателот, општините и Градот Скопје. Во 15 од нив нема ниту еден вработен, а дополнителните анализи и реформи ќе ја покажат оправданоста на постоењето на институциите, како и дали, кои и колку ќе се укинат, спојат во една итн. Најбројни меѓу институциите се оние со дејност во образованието 543, потоа здравството 117, културата 115.
– Тоа што сакам да потенцирам е дека активно работиме на конечно решавање на овој проблем. Со таа цел како што знаете променивме 4 закони (за Управа за јавни приходи, за даночна постапка, за придонеси од задолжително социјално осигурување и за вработени во јавниот сектор). Ова резултираше со значително зголемување на внес на податоци во Регистарот. Само за илустрација во декември 2017 година имало 15.533 организациони единици (сектори, одделенија), додека во март 2018 година нивниот број е 37.615 – истана Манчевски.
Најмногу вработени има во секторите образование и здравство.
Во 516 институции бројот на вработени се движи од 11 до 50, а 395 имаат од 51 до 100 вработени.
Според профилот на вработени, поголем дел се жени, 54 отсто. Најголем дел се на возраст од 46 до 55 години – околу 32.000, а втори на оваа листа се оние на возраст од 56 до 64 години – околу 24.000 лица.
Кога е во прашање степенот на образование 42.5 отсто се со високо образование, речиси 33 отсто се со средно, а 4,45 отсто се магистри.
Според етничката застапеност Македонци има околу 82.000 или 75 отсто, Албанците се нешто над 21.000 или 19 отсто, следни се Турците околу 2.000, па Ромите околу 1.200.
Иако бројките од најновиот извештај не се со големи разлики во споредба со оние кои беа презентирани од претходната власт, генералниот впечаток на актуелната власт е дека има превработеност во пониските нивоа во јавниот сектор, а недостасува кадар со менаџерски способности.