Поради појава на магла видливоста на планинскиот премин Ѓавато е намалена до 100 метри.
Сообраќајот на државните патишта се одвива по влажни коловози. Врнежи од снег има на Попова Шапка и Буково, но без проблеми во одвивањето на сообраќајот.
Автомотосојузот на Македонија (АМСМ) информира дека на патот правец Струга – граничен премин Ќафасан, од бензинска пумпа КМР до местото викано Добра Вода – село Франгово, во должина од три километри, се препорачува исклучително внимателно управување со возилата поради дупки на коловозот. Поставена е соодветна патна сигнализација и ограничување на брзината од 30 километри на час.
АМСМ препорачува внимателно возење, прилагодена брзина на движење и почитување на поставената сообраќајна сигнализација. Во клисурите и засеците можна е појава на одрони, особено на патните правци: Кочани – Македонска Каменица – Делчево, Виница – Берово, Гостивар – Стража, Маврово – Дебар – Струга, Демир Капија – Удово, Катланово – Велес, Крушево – Демир Хисар и Ресен – Буково.
Интензитетот на сообраќајот на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини нема подолги задржувања за влез и за излез од државата.
Во сила е законската обврска за задолжително поседување на зимската опрема во возилата.