Министерот за финансии, Драган Тевдовски, изјави дека Владата планира даночната стапка кај персоналниот данок да остане иста (10 отсто), а да се зголеми на 18 отсто за онаа група на граѓани кои имаат највисоки приходи. Ќе се оданочуваат оние кои имаат нето приходи над 1.000 евра. Приходи над тој праг, додал министерот, имаат само 2 проценти од луѓето, односно оние со највисок доход.
Министерот, за кого слушам дека бил исклучително тврд во ставовите, дури и во комуникацијата со колегите министри и со премиерот, сега бара јавноста да го каже своето мислење. Мене малку страв ме фаќа, ама не можам да одолеам на апелот, па еве, го упатувам „незгодниот“ Тевдовски да ги прочита првите остри коментари на неговото тврдење дека стапката од 18 отсто „сигурно нема да удри по средната класа“.
„Во голем дел“ е говедски гомненици од фраза, коментира еден познат лик на Фејсбук и го потсетува министерот дека оваа мерка, меѓу другите, ќе ја засегне целата ај-ти индустрија во Македонија. Станува збор за илјадници фриленсери, чиј приход е од труд, а не од капитал. „Ако ти се изигрува лев шампион, дигни ја стапката само за приходот од капитал“, порачува човекот. Мислам, со право.
Имено, покрај неконзистентноста, две работи ми пречат кај најавите за промена на даночната политика.
Прво, тоа е навистина наивното левичарење, кое никому нема да донесе ништо добро. Со оглед што министерот Тевдовски, во име на Владата, ѝ „звони“ на јавноста да се подготви да одговорени со соодветни мерки на даночна евазија (верувајте, луѓето се досетливи и ќе се снајдат да ги избегнат даноците), убеден сум дека фискалниот ефект од ваквите палијативни решенија ќе биде далеку под очекувањата.
Второ, ми пречи што новата Влада и нејзините апологети опасно се навредуваат кога некој ќе рече дека има некои нешта кои во Грујово време сепак беа добро средени. Денес оспорувањето на идејата за прогресивно оданочување и ставот дека рамниот данок сепак е поефикасен, се смета за неприфатлива критика за Владата. Зошто? Па побогу, луѓе, дозволете некој да има поинакво мислење. Дозволете некои луѓе да мислат дека претходната влада спроведе солидна даночна реформа и дека солидно го полнеше инаку огромниот буџет (друга работа е како го празнеше). Дозволете луѓето да мислат поинаку, макар и да грешат.
Јас не сум експерт за финансии и веројатно површно ги следам макроекономските движења, но познавам и пријателувам со луѓе кои се експерти во областа. Од многуте разговори што сум ги водел на оваа тема, дојдов до заклучок дека најумното решение е ДДВ да се зголеми од 18 отсто на 22 отсто или можеби дури и на 24 отсто и да не се навлегува во комплицирани решенија, што ќе им ја отежнат работата на даночниците и кои сигурно ќе предизвикаат даночна евазија.
А на премиерот Заев, кој и самиот е економист и многу добро знае како да работи со парите, ќе му дадам само еден совет, односно ќе му предочам една приказна што во една реченица ми ја раскажа еден умен пријател – големата турска империја, друже, пропадна кога султанот реши да си вработи советници. Па ти види…