Секторот за внатрешни работи Скопје до надлежното Основно јавно обвинителство Скопје поднесе кривична пријава против П.К.(33) од Скопје поради основано сомнение дека извршил четири кривични дела -„измама“ и против В.Б.(39) од Скопје, поради основано сомнение дека извршил исто така четири кривични дела „помагање“, а со сторените кривични дела двајцата се стекнале со противправна имотна корист од околу 425.800 денари, или околу 7.000 евра.
Од март минатата до јануари оваа година, првопријавениот претставувајќи се како адвокат пред четворица негови познаници (а со тројца од нив и во роднинска врска), им ветил дека ќе им помогне во разрешување на имотно-правни спорови. За услугите во повеќе наврати им побарувал и добивал пари кои наводно ги употребувал во постапките. Нивните комуникации траеле некое време по што П.К. престанувал да го користи телефонскиот број со кој комуницирал со нив.
Второпријавениот, пак, инаку вработен како полициски службеник во МВР, му помагал на П.К. во извршувањето на кривичните дела. Така, тој пред луѓето од кои лажниот адвокат земал пари, го претставувал како добар адвокат и им ветувал дека споровите кои ги имаат ќе им ги заврши во нивна корист.
На 25 овој месец П.К. е лишен од слобода, а наредниот ден од слобода е лишен и В.Б., и предаден на судија на претходна постапка.
ОС – Скопје против полицискиот службеник В.Б. поведен дисциплинска постапка.