Не дека Геровски не е во право кога вели дека сите сакаме после битката да бидеме генерали. Тоа, секогаш, е полесната опција. Ама сепак, прво, анализите на битката, добиена или загубена, сеедно, се многу битни за новите битки што претстојат. Ако не ги направите – ќе ги загубите и нив. Затоа и опстојала онаа сентенца за историјата … преведена на локалниот проблем, секако. Како и да ѐ, ни јас не ја гледам оваа битка со рефендумот како загубена, напротив, туку можеби како некаков time out, одмор и прегрупирање на силите. Ама, и за да продолжите, до конечната победа, ви треба некаква анализа, барем на покрупните (направени?) грешки, пропуштените шанси и слично, нели? Затоа, впрочем, не мораме сите да бидеме генерали, може и обични каплари да завршат работа, ако ги бива, се разбира, и ако си ја знаат работата. Ионака, велат, самите генерали не ги добиваат битките, нив ги бие, и ги добива, или губи – обичната војска, зависно од мотивацијата!
Е сега, со мојава генералска, или капларска капа на главата, мене сѐ некако ми се чини дека македонскиве (политички) генерали сакаа(т) да добијат уште една битка ама командувајќи со – непозната, туѓа војска. Или непријателска, ако баш сакате. Да, тој што ќе рече дека повторно се враќам(е) на почетокот, на незавршените работи (на пример: нецелосна нова регрутација, несменет нижи команден кадар, нерасчитување со петатата колона итн.) ќе биде во право. Но, затоа се, впрочем, потребни анализите, нови и нови, постојани, за да се расветлат докрај сите грешки, ако ги имало, сите недоследности и пропусти, ако ги имало. А не знаеме дали ги имало зашто не сме ја направиле анализата. И тогаш – како грешките да се поправат? Зашто, кога и онакви вмронски кадри, сега наводно само со „обичен статус“, почнуваат да ја пејат песната „Што правевте 15 месеци?“, на човека му се смачува животот. Та баш од нив ли да го слушаме хитот?
Токму затоа се битни анализите, зашто нив ги прави и спротивниот табор, непријателскиот, ако сакате – а веќе е и премногу јасно дека станува збор токму за сериозен непријателски и во многу нешта „евроазиски“ камп – во кој што се сплотени многу именувани и се’ уште неименувани сили. Нив допрва ќе ги откриваме. Но, јас со мојот капларски чин не сум тој кој, дури и да ги направи потребните анализи, или барем анализите на одделни сегменти на оваа (велат) братоубиствена војна (јас не мислам дека е баш таква!), ќе влијае на командните одлуки и заповеди. Ама сепак, сме ги правеле и порано – мислам на анализите – а ги правел и спомнатиот Геровски (со повисок чин од мене!), ама некој како да не сакал да чуе, уште помалку да слуша?! Сеедно, во војните секоја грешка се плаќа, поскапо или поевтино, што е прашање на проценка, се разбира. Ама ако цената се човечки животи, а во оваа војна сѐ, дури и имагинарни, денес малолетни ама веќе утре загубени генерации, тогаш нештата не се баш така наивни. И не се баш за оставање laissez-faire. Зашто, ако веќе започнувате војна, а таа е започната, мора и да ја завршите, по секоја цена, ама со апроксимативни проценки на цената односно, по можност, штетата да биде што помала. А ние веќе плаќаме превисока цена!
Ние принципот laissez-faire некако прелагодно го усвоивме и безмалу го посинивме како една од важните македонски пословици, па го спростревме прво низ државната администрација – еден многу битен дел од замислената државна војска – па низ културата, образованието, науката, здравството, односно низ целата државна и локална (само)управа небаре ни претстојат години на радост и бериќет а не години на војна! Мислевме дека е важно да се има во рацете командниот апарат во Шампитата и во Главниот ни штаб, а сето друго ќе си дојде на своето замислено (од нас) место. А ја немавме дури ни позицијата на врховен командант туку, онака беневолентно, непромислено и дозлабога наивно ја оставивме во рацете на лудакон на Водно со погрешната проценка дека веќе не може да направи никаква штета. Ама – можел. Кај лудаците тоа никако не е баш така предвидливо, како што и се покажа. А беше печен не за импичмент туку веднаш за бајбок. Па после импичмент! Е па, извинете, ама кога главнокомндујшчиот на катастрофата го помилувате, кога остатокот од злосторничката управувачка камарила не можете да го осудите барем на пристојна казна затвор за да не ви прави бељи, тогаш и нижите чинови односно обичната војска почнува да размислува поинаку. Ако главните злосторници шетаат не само низ улиците туку и држат говори во Обединетите нации повикувајќи на бојкот односно неслужење на воениот рок во светата војна – зашто, како сакате кажете, ова ѐ света војна за македонската држава – ако во позадината ви ровари петата колона (не само) во државната администрација, тогаш, извинете уште еднаш, се губат битки, а и војни. Иако, војната, сигурен сум, однапред е добиена зашто не само што непријателот е очајно слаб и игра само на нашите грешки туку и зашто постои нешто што се вика космичка правда (некои ја викаат Божја, ама за тоа не сум компетентен). Е – тоа не смееше да се допушти, да се губат веќе добиени битки од ужасно слаб и полуписмен непријател. И за тоа се неопходни генералските и капларските анализи, секојдневно, неделно, месечно.
Згора на сѐ, оваа војна не е еднонасочна тоест рововска, таа се води на повеќе фронтови, во институциите на системот (видете го оној Дерковски!), на улиците, на социјалните мрежи. Културата е еден од фронтовите, другиот е образованието, третиот е здравството, науката … итн. Тие фронтови беа/сѐ одамна загубени токму заради отсуството на стратегија, тактика и секојдневни анализи за тоа што и како треба да се работи, кои линии да се освојуваат а кои да се остават за подоцна. Ние се’ оставивме за подоцна! Е така не може. Не можете прво да ја добиете војната а потоа да ги добивате битките. Таква војна не се случила во историјата на светот, барем не на овој. Можеби го има кај некои Клингонски или други светови, ама кај нас – не. Затоа, уште еднаш: историјата не случајно е тоа што велат дека ѐ. Особено воената историја, во мирнодопски или во, не дај боже, воени услови. Ама ако вториве некако ги поминавме недопрени – но, не само по наша заслуга – мирнодопскиве очигледно ни се удираат од глава. А, всушност, нема некоја голема разлика, само треба навреме да се мисли!
Извор: Теодосиевски:За Уметноста