Меѓународен договор што ќе доведе до промена на уставните одредби што содржат иредентизам и одредница на името, се предусловите за решавање на спорот меѓу двете земји според новиот алтернативен министер за одбрана на Грција, Фотис Кувелис.
Тој во интервју за грчката државна телевизија ЕРТ вели дека неговата позиција е позната и додава дека потребно е да се реши долгогодишниот спор меѓу двете земји, јави дописникот на МИА од Атина.
– Што велиме денес? Секако иредентизмот треба да остане далеку, потребна е одредница на едно име што нема да создава конфузии и какви било други прашања и секако потребен е еден меѓународен договор што води кон промена на кои било уставни одредби што го потенцираат иредентизмот од страна на ПЈРМ – вели Кувелис и додава дека тоа е неговиот став, но и став на грчкото Министерство за надворешни работи.
По мини реконструкцијата во грчката Влада минатата седмица, Фотис Кувелис дојде на функцијата алтернативен министер за одбрана, а во Министерството ќе биде заедно со Панос Каменос.
На прашањето на новинарот од ЕРТ за дијаметрално спротивните ставови што ги има актуелниот министер за одбрана, Кувелис истакнува дека Каменос ги има неговите позиции кои очигледно ќе ги задржи.