Во Општинската организација на Црвениот крст „Карпош“ денеска се одржа 38-та по ред крводарителна акција во која учествуваа околу 50 доброволци во дарување на најскапоцената течност.
На хуманите крводарители им се придружи и градоначалникот на Општина Карпош Стефан Богоев, кој освен што самиот даруваше крв, на најопстојните крводарители им врачи пригодни плакети и благодарници за нивната несебичност и хуманост.
Во прусустви на претседателката на ОО Црвен Крст „Карпош“ и советничка во Советот на Општината Билјана Костова како и пратеникот Далибор Богдановски, кој се вброи меѓу денешните крводарители, градоначалникот Богоев им ги врачи пригодните признанија на Асани Ајриз, за 100-то дарување крв, на Драган Арсовски за 75-то дарување, како и на Денис Бошковски, Илија Михајловски и Мише Дулимагоски кои досега во 50 наврати ја дарувале скапоцената течност која спасува животи.
Овие „крводарителски ветерани“ добија и по една оригинално изработена слика од уметникот Живко Поповски – Цветин, кој воедно е и првиот претседател на Црвениот крст на Република Македонија од осамостојувањето на државата.
ОПШТИНА КАРПОШ
Одделение за односи со јавност