Косовскиот весник „Газета Експрес“ пишува дека поранешниот обвинител на Хашкиот трибунал за воени злосторства Џефри Најс, кој потоа беше адвокат на Владата на Косово, побарал да му бидат исплатени половина милион евра колку што Косово му должи.
Според весникот, косовскиот претседател Хашим Тачи, за време на неговиот премиерски мандат, побарал од заменик министерот за надворешни работи Петрит Селими да го ангажира Најс како правен експерт на косовската Влада. Причината за ангажманот, според весникот, биле коментарите на Најс дека Тачи не е виновен за обвиненијата за шверц со органи.
Поранешниот обвинител бил ангажиран да и помогне на Владата во случаи на нови обвиненија за воени злосторства. Но, косовската Влада по некое време престанала да ги плаќа ратите за Најс, по што тој и писмено побарал да биде надоместен неговиот труд.