Кому и каква работа врши Лазе Еленовски?

Никаква и никому! Неговиот избор за македонски дипломат во НАТО во Брисел го компромитира Зоран Заев и шири незадоволство од кадровската политика на Владата.  

7253

Не прочитав ниту еден – ама баш ниту еден! – пофален коментар за именувањето на Лазар Еленовски за специјален претставник на Владата за НАТО во Брисел. Ако нешто сум пропуштил, тоа е затоа што не сум го отворил ФБ-профилот на Лазета. Таму веројатно може да се најде некаква честитка…

Напротив. Негативните реакции во јавноста за ова кадровско решение се огромни и разочарувачки и за самиот Зоран Заев. Денеска Владата, веројатно од срам, одби да каже чие кадровско решение е Еленовски, човекот што смени неколку партиски дресови, за на крајот да заврши на амбасадорското место во Брисел, како човек на Никола Груевски, функција од која беше отповикан во 2016 година.

Тие што сакаат да го ослободат Заев од одговорноста за ова сериозно кадровско промашување, тврдат дека Еленовски бил избор на ДУИ и дека на премиерот му биле врзани рацете. Баталете ја таа приказна, ве молам! Заев е свесен дека ваквото објаснување го девалвира и него самиот и поради тоа Владата вчера официјално ја презеде одговорноста за предлогот.

Не тврдам дека Еленовски нема добро да се снајде во коридорите на бриселската бирократија. По својот политички бекграунд, тој и самиот е еден безличен бирократ и кариерист. Но, не верувам дека евроинтеграцискиот процес на Македонија ќе види некакво фајде од ваков политички мекотел во Брисел.

Сепак, вистинската тема за која треба сериозно да се разговара, не е Еленовски. Вистинската тема е кадровската политика на владејачкиот СДСМ и каде води таа. Зошто му се на СДСМ потребни сојузници како Амди Бајрам, Драгиша Милетиќ, Лиле Поповска, Лазе Еленовски и слични на нив?

Ваквите непотребни сојузништва сериозно го поткопуваат имиџот на премиерот и создаваат незадоволство кај сите што гласаа, меѓу другото, за промена на досегашната клиентилистичка кадровска политика на режимот на Груевски и против луѓето што имаат една единствена цел во животот – секогаш да се на власт или блиску до неа.

До кога таквите ќе виреат?

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...