Комитетот за заштита на правата како асоцијација на здруженија и засегнати граѓани бара судските одлуки кои се донесени спротивно на владеењето на правото, со нарачана, неправилна примена на правото и со селективна, пристрасна и неточна оценка на доказите, да се повторат, односно да се создадат услови за повторно фер судење, соопшти Комитетот.
– Особено таму каде што е грубо е прекршена презумцијата на невиност, каде што се користени лажни заштитни сведоци и злоупотребен е институтот спогодба, каде што се злоупотребени посебните истражни мерки и постојат незаконски прислушувани материјали кои ја потврдуваат политичката мотивираност и постои злоупотреба на АКМИС-системот за распределба на предметите – велат од Комитетот за заштита на правата.
Според Комитетот, „спрегите меѓу извршната власт и судството беа разобличени со објавувањето на т.н. „бомби“. Преку нив се слушна како владини функционери по телефон диктирале судски пресуди, а судиите ги извршувале нивните нарачки. Потоа, на сличен начин се бирале и напредувале судии, а неподобните се разрешувале. Се местеле предмети кај „свои“ судии, а се давале насоки како да се водат обвинителски истраги. Карактеристика на монтираните случаи е дека пресудите се донесени уште пред да започне судењето, во полициско-партиските кабинети. Мотивот за „монтировките“ е создавање услови за непречен криминал на режимот“.
Комитетот бара од Владата да донесе подзаконски механизам на мерки и работно тело што ќе ја следи нивната примена.
„Со мерките, со цел почитување на слободите и правата на граѓаните учесници во постапките, да се овозможи, согласно со постојната регулатива, пристап до документи, факти и докази во органите на државната управа, кои можат да им послужат при користењето на вонредните правни лекови. Комитетот и засегнатите граѓани очекуваат навремено и непристрасно постапување на сите судски субјекти и на обвинителството при барањата за повторување на постапките, мислењата во однос на овие барања и заштитата на законитоста“, се вели во соопштението.