На една свечена вечера, Лејди Астор, првата жена пратеничка во британскиот парламент, цело време се фалела со нејзините претци. Очигледно претерувала штом Черчил морал да коментира – „Интересно,како целата ваша фамилија ме асоцира на комприри„. „Не разбирам што сакате да кажете со тоа!?„ – зачудена прашала Лејди Астор. А тој – „па и кај компирот се што има вредност е под земја“. На тоа Лејди Астор видно изнервирана со дигнат тон се обратила на шегаџијата – „Да знаете дека да ви бев жена ќе ви ставев отров во кафето“. „Без гајле драга дамо“ – и возвратил Черчил – „да ми бевте вие жена јас со задоволство ќе го испиев отровот“.
Не знам кај нас дали некој политичар доброволно би испиел некаков отров, но факт е дека на обичните луѓе цело време им се нудела широка колекција отрови. Медиумски отров, меѓуетнички отров, меѓуверски отров, меѓупартиски отров, говорнички отров, арамиски отров… Тоа има доведено до колективно труење на свеста кај луѓето, па и до лудило. А како „лудаци“, полесно ги прифаќаме превртените вредности. Од сите отрови, најопасен е јазикот, оти со обичен отров можете да отруете еден човек, а со јазикот милиони луѓе. Вмровкиот отровен јазик е опасно оружје са масовно (само)уништување. Тие цело време трујат за дела кои самите ги правеле дури во понапредна форма. А сега во име на земјата го штитат подземјето. Нели самите донесле закон за јазици во 2008 година, па го дополнеле во 2011. А по изборите прифатија и понапредна форма на јазик од овој против кого фрлаат дрвја и камења. Тоа значи дека предизборието им служи како фаза за колективно правење магариња од гласачите. И штом станат власт, тогаш отровот го препакуваат и препродаваат како да е мед.
Нивните отрови се стари. Прво со месеци фрлеле отрови дека високото образование на мајчин јазик ќе ја рушело државата. А сега гледаме дека државата дури е зацврстена. Потоа дека локалната територијална поделба ќе ја федерализирала државата – и пак ништо лошо не се случи. Сега со двојазичноста ќе се загубил идентитетот, ќе се исселиле луѓето, ќе се кршел Уставот! А луѓето се исселија најмногу за време на нивното владеење, кога Уставот се силуваше во реденка. А за Иванов Уставот служи како квалитетна замена за тоалет хартија.
Но, и по ова прашање, изгледа дека има некаква подземна љубовна игра меѓу некогашните „природни“ коалициони партнери. Познато е како беше прекината нивната љубовна романса од срце и џеп, а новиот партнер што и да даде срцето не го прифаќа! И сега ај да рушиме од внатре. Едниот од внатре ќе форсира, а другиот од надвор ќе драматизира. Нели ДУИ беше спремна од срце вмровскиот грб да го прифати како државен. Полн џеб полно срце! Подземните плодови создаваат надземна љубов. А се другото е техника. Од „бомбите“ видовме колку лесно лук и вода стануваат мед и млеко.
Јазично труење
Воопшто не треба да се потценуваат пропутинистичките сили во државата. Зад таа опција не стои само една маргинална партија, туку скришум и еден добар дел од груевистичката структура. Но и дел од албанските функционери. Играта со јазикот се наметна за да служи како гориво за спориот воз кон Москва. Бројни дипломати не можат да разберат зошто токму сега толку форсирање со јазикот, кога тоа можело да се направи или порано (кога ДПМНЕ беше аут со конгресот) или по втората половина на годината. Вака, не само што е произведена вкусна храна за националистите и тие што глумат дека се такви, туку е потрошено драгоцено време за да се посветиме на спорот со името и реформите. И не е случаен „катил ферманот“ од СЈО!
Инаку, светот врие од повеќе службени јазици и е докажано дека тоа е силен кохезивен и интегративен елемент за државите. Ќе набројам неколку без да ја спомнам Финска која е толку експлоатирана. Во Белгија има три службени јазика- фламански, француски и германски. Во Канада – англиски, француски, индијански (јазикот инуктитут во Нунавуту). Во Шпанија има пет службени јазици (кастилски, каталонски, баскијски, астурлеонски, галициски). Во Русија дури 13 јазици се службени (руски, осетиски, чеченски, ингушиски, рутулски, калмички, татарски, јакутски, хакашки, бурјатски итн). ВоИталија службен јазик е и германскиот (како прв јазик во Јужен Тирол), а и словенечкиот во Трст и Горица. Дури и во САД како држава од стотина нации кои од практични причини беа врзани за еден јазик, сега сериозна се наметнува шпанскиот како втор и хавајскиот како трет јазик. Во Словенија, освен словенечкиот, во службена употреба се и италијанскиот и унгарскиот. Во Косово албанскиот и српскиот се рамноправни во целата држава. Во Црна Гора – и српскиот, албанскиот и бошњачкио јазик. Дури и Албанија прави сериозни чекори со грчкиот и македонскиот јазик. И да не набројувам други држави (нпр. Индија со 34 регионални службени јазици и англискиот како централен јазик).
Дестабилизација на Балканот
Во анализата со наслов „Русија удира и прави гнездо на Балканот“,угледниот „Stratfor“ по геополитиката, потенцира дека Москва ќе продолжи да ги користи поделбите на Балканот со цел да создаде проблеми кои Западот без Москва не ќе може да ги реши. Таа со својата „soft power“ политика сака да се факторизира со цел потоа во пакет да ги реши и своите проблеми со Украина (Крим) и Кавказ. Но, и да добие енергетска концесија на Балканот како траен фактор за контрола. Исто така вреди да се цитира и анализата на магазинот „Nationa Interest” – Балканот е вистинско игралиште за лоши актери и тоа е погодност за Путин. Работите треба да ги следиме пред да излезат од контрола. Toj би можел да провоцира конфликт на линијата Србија-Хрватска-Косово, но и воМакедонија и Босна и Херцеговина.
Вучич вешто се спротиставува на дестабилизацијата со политиката на помирување меѓу Србите, Хрватите, Бошњаците и Албанците. Тој ја сфаќа играта. Само водството на ДПМНЕ не ја сфаќа. Или не сака. Тие плачат за овдешната демократија, медиумите, партизацијата на судството итн. Човек да се смее до солзи, па да си заплаче. Особено кога ќе му текне на Ѓоле. Мора да сфатиме дека спасот ни е во брзата интеграција. Уште ли не ни се јасни обидите за државен удар во Црна Гора и Македонија?! Треба да разбереме дека ако не ги браниме нашите интереси, тогаш другите ќе не натерат да ги браниме нивните интереси. Ама на наш грб.