Мислам дека со сè поголема сигурност би можело да се констатира дека е извесно оти питонот на македонското правосудство, откако полека-полека се обмота и околу новата власт, сега почнува со својот смртоносен стисок да ја стега и оваа Влада, да ѝ ги дроби ковчињата, а наскоро ќе бидеме сведоци – незаштитени – како големата уста на овој импозантен влекач ќе го проголта и премиерот Заев. Откако ќе го голтне, силните стомачни сокови на ова чудовиште ќе го дигестираат и ќе го сварат и овој благонадежен реформатор, како што ја разградуваат македонската правна држава со децении наназад. Зад движењето на оваа голема, импозантна змија-преживарка останува лигавата трага на неколку децениски реформи, кои не дадоа речиси никакви резултати за доброто на македонската правна држава.
Необична е отпорноста на правосудната сфера на домашните и странски усилби за реформи. Има некаква невидлива, но речиси мафијашки цврста солидарност во целиот тој антиреформски систем којшто има развиено непробојни автохтони механизми за одбрана од каква било надворешна „загроза“.
Од една страна, моралните квалитети на клучните нивоа во правосудната хиерархија се толку ниско поставени, што каков било апел за професионализам или за чесност во спроведувањето на законот и на процедурите во работењето е како во дом за глуви да шепотите приспивни песни. Можете јавно да ги посрамотите, можете да ги тужите, да им се заканувате со истраги или со контроли, да ги молите или да ги колнете – никој од нив нема ни веѓата да ја помрдне, за да покаже дека нешто од тоа го допира. Фатени се, ин флагранти, во сите можни злоупотреби од подолгиот список за кршење на словото и на духот на законите со кои се регулира нивната работа, а тие удобно си продолжуваат да изигруваат уважени судски величини, мислиш АКМИС-от, на пример, е кратенка за „Асоцијација на Криминализираното Македонско Импотентно Судство“.
Од друга страна, сите концентрични кругови густо распоредени во и околу нашето судство – разно-разни обвинители, адвокати, полицајци, вештаци, притворски и затворски одделенија, нотари и писари, извршители, луѓе од надлежните министерства и државните органи и агенции, стоте правни факултети во земјава, на чело со оној од УКИМ, па дури и новинари кои известуваат за тој сектор – се толку меѓусебно исповрзани, испреплетени, раскарани и смирени, поткупени и исплатени, задолжени, почестени, испратени, дочекани, премачкани, намирисани, подмачкани, напиени, најадени, уценети и преценети, што делуваат како колективна воздушна перница при секој реформски удар врз судството, како сигурносни вентили кои испуштаат пареа пред таа да создаде притисок во судскиот систем, како трамбулина испреплетена од сплотени грбови кои го дочекуваат и смируваат сечиј пад од „полиците“ на судската хиерархија, на начин никој да не биде повреден и веќе колку утре да биде рехабилитиран и повторно подготвен за нови правосудни успеси и отскочни височини!
Всушност, нема друго, нашето правосудство е одраз на нашето општество. Во него владее ниска политичка култура во онаа елементарна димензија на сакањето на сопствената држава и почитувањето на јавниот интерес, макар во неговата минимална супстанца. Тоа е она општество во кое, кога ќе се објави македонскиот катастрофален меѓународен рејтинг за состојбите со корупцијата, сите како чедни сестри, скандализирано, ја обвинуваат владата и премиерот за таквата состојба, иако сите здружно учествуваат во практикувањето или, барем, во премолчувањето и толерирањето на општо распространетата корупцијата. На пример, директор на клиника признал дека побарал и примил поткуп за лечење на дете, условно осуден, па вратен на работа како ништо да не се случило?! Судот така го осудил, а ќе му ги одбрани и работничките права, ако го отпуштат од работа!
Значи, питонот победува. Прашање е дали, во очајнички обид, можете да му ја пресечете главата, бидејќи е веќе предоцна, со устата ја има лапнато и оваа власт, па секој подлабок засек може да нанесе смртоносни повреди и по власта. Затоа, ќе следи прилагодување, договор, компромис, ветување за подобрувања, малку реформска шминка и прскање со дезинфекциската колонска вода „Ружа истока“… До следниот голем проект за судски реформи кога дефинитивно ќе се справиме со системот за делење правда во државата.
Зелената трева е на повидок, магарињата се молат до тогаш да не умираат.
извор: Цивил медиа