Кога дознав дека сум кандидат за трансплантација, солзи ми потекоа

Марјан Миланов е човек на кој му бил трансплантиран бубрег од кадаверик. Не знае кој бил донорот, но оваа операција му го сменила животот

287

Пред неколку години во Скопје беше промовирана книгата „Телото на нејзиното тело“ – приказни за добрината, напишана според личното искуство на хрватската писателка Славенка Дракулиќ, откако таа добива бубрег од непознат дарител.

– Можеби мојата донаторка Кристин Свонсон го даде најдобриот одговор на прашањето зошто? Таа рече: а зошто не? Навистина да се запрашаме зошто ваквите алтруистистички гестови се толку ретки? Зошто се чудиме на добрината и сме изненадени и затечени од чинот на добродетелство додека пак злото ни се чини нормално? Единствен начин да им се заблагодарам на ваквите луѓе беше да ја напишам оваа книга – изјави писателката на промоцијата на книгата.

Токму ваква благодарност кон својот донор и неговото семејство, иако не знае кои се, чувствува и нашиот соговорник, господин Марјан Миланов, еден од оние на кого му е успешно извршена кадаверична трансплантација во 2014. година.

Со него зборувавме за почетоците на неговата болест, за мачните четири години кога одел на дијализа, но и за моментот кога дознал дека е кандидат за трансплантација, за неговиот нов живот, како и за тоа што значи еден ваков чин за сите оние пациенти кои со години чекаат на трансплантација на орган.

– Мојата историја со болеста на бубрезите е долга.Тоа беше негде во 1996. година кога ми се појавија и првите проблеми. Имав висок притисок и тогаш решив да проверам што е причината за тоа.Тогаш самите доктори ми ја открија болеста и ми рекоа дека имам полицистични бубрези.

Татко ми ја имаше истата болест, и тој одеше на дијализа.

Некако, не го сфатив тоа сериозно, не ги послушав советите од докторите, и си продолжив со животот и понатаму како и претходно.

Животот си течеше како и кај секој млад човек. Сѐ додека истата болест не му го одзема животот на мојот татко.

Но тогаш веќе беше доцна и за мене, за да преземам нешто повеќе.

Зарем мораше тоа и мене да ми се случи?

Дојде и тој ден кога требаше и јас да започнам со дијализата. Не можеше ништо повеќе да се направи. Најтешко ми падна кога ме сместија во истиот кревет во кој лежеше и мојот татко, кога му ја направија првата дијализа. Си помислив – зошто јас?

Ете сега и мене истото ми се случува, и го поминувам сето она што мојот татко го поминал претходно. Мислите ми летаа на сите страни, бев тотално збунет, не знаев што и како понатаму. Зар мораше тоа и на мене да ми се случи???

Тоа не можам да го заборавам никогаш.

Ми требаше долго време да се стабилизирам. Одев три пати во неделата по четири часа на дијализа во Центарот за дијализа -Железара во Автокоманда. Тоа беа моите четири најтешки години во животот, од 2010. до 2014. година.

Повик од болницата

Мислам дека законот за трансплантација од кадаверик беше донесен во 2013. година и имаше повик до сите што сме на дијализа, кој сака да му се трансплантира бубрег да се пријави за да се направат навреме потребните испитувања.

Никој од мојата фамилија не беше компатибилен за да ми донира бубрег и затоа кадаверичната трансплантација беше мојот единствен спас. Откако ги направив сите испитувања, чекав да ме повикаат. Една вечер, само што се вратив од дијализа, некаде околу 19 часот, ми заѕвони мобилниот, ми се претставија дека се од Нефрологија, и ми рекоа дека мора итно да дојдам на Нефрологија, затоа што сум бил кандидат за трансплантација.

Солзи ми потекоа, не ми се веруваше. Нозете не ме држеа, седнав за да не паднам, и прашав да не е грешка. Имав повратен одговор дека не е никаква шега и дека треба веднаш да дојдам на клиника.

Инаку, кај нас, самиот закон не дозволува да се знае кој е донор, а кој е примател на орган. Познавам луѓе што се имаат запознаено со родителите на веќе починатото лице од кого се земени органите за донирање, и тие до ден денес се дружат, контактираат. Но јас ја немав таа можност, а и самиот не знам како би се однесувал во таква ситуација.

Тоа се многу тешки моменти, како за самите родители или, сопружник или сопружничка, така и за самите приматели.
Најверојатно, нашите доктори овде, се водат по искуството од другите држави – вели Миланов.

Нов живот и голема благодарност

Откако ја направил трансплантацијата, животот на Марјан е многу полесен.

– Живеам нормален живот и сега за разлика од претходно, кога бев на дијализа, можам да одам на одмор на подолг период или да бидам надвор од државата, можам да возам велосипед, да пешачам подолго (претходно не можев ни 100 метри да препешачам), да трчам…. значи, можам да се занимавам со оние спортови во кои би немал контакт со други лица (тоа е превентивно, за да не се добие некој ненамерен удар) .

Секој ден примам терапија (имуносупресиви и дополнителни лекови), наутро и навечер, кои го одржуваат бубрегот во добра кондиција. Кутивчето со лекови е секогаш со мене – вели тој.

Сите оперирани пациенти на кои им е трансплантиран орган, без разлика дали се од кадаверик или од жив донор, контактираат и се дружат меѓусебе.

Тие го формирале здружението Мактрансплант, кадешто секој може да си ги каже своите тешкотии, своите искуства, проблемите при набавката на лекови, и така натаму.

Тука е и здружението Нефрон, кое исто така многу придонесува.

На крај – вели Миланов – би сакал да ги поздравам и да им се заблагодарам на сите оние од Клинички центар -Мајка Тереза – Скопје (Нефрологија, Урологија, КАРИЛ, Трансфузиологија и сите други што беа вклучени во тој процес), што придонесоа да се спасат повеќе луѓе во тие години кога беше и експанзијата на самата кадаверична трансплантација, со порака, да не се застанува на ова, туку да се продолжи уште поинтензивно со кадаверичната трансплантација, затоа што многу луѓе чекаат и се надеваат дека еден ден ќе дојдат и тие на ред за трансплантација. Големо благодарам“!

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...