Здружението на новинари на Македонија, кое денеска одбележа 72. години од основањето, награди за истражувачки стории додели на тимот од емисијата „Код“ и Снежана Лупевска Созен, за настаните од 27 април во Собранието и на Менче Атанасова Точи за сторијата за гинеколгот кој девет месеци лажел жена дека е бремена. Награда за животно дело доби новинарот Љубомир Гајдов.
Претседателот на ЗНМ Насер Селмани истакна дека новинарите во земјата се соочуваат со сериозни предизвици и покрај декларативната желба на новата власт да се бори против практиката на неказнивост на насилството врз новинарите.
– За жал ниту еден напаѓач на новинар не е изведен пред лицето на правдата, рече Селмани.
Процесот на донесување на новото медиумско законодавство е многу бавен и неизвесен, според Селмани, кој изрази загриженост што некои решенија во тие закони не се во согласност со најдобрите европски практики. Во меѓувреме, рече тој, новинарите се соочуваат со нови форми на притисок.
– Највисоките државни институции се обидуваат да им ги врзат рацете на нашите колеги давајќи им некакви безбедносни сертификати. Големите компании во Македонија во последно време се обидуваат да ги користат рекламите за да извршат притисок врз медиумите да не објавуваат критични информации во јавноста. И покрај сите притисоци сакам да порачам дека борбата на новинарите за слобода на говор нема да запре – рече претседателот на ЗНМ.
Обраќајќи им се на наградените рече дека тие се ликот на новинар каков што треба да биде новинарот во една слободна и демократска земја.
Мирче Адамчевски, од одборот за доделување на наградите, кажа дека на конкурсот за истражувачко новинарство пристигнале пријави од 25 автори, од кои дел од млади истражувачи.
Менче Атанасова Точи истражуваше скандал во здравството за лекарот кој девет месеци лажел жена дека е бремена кој подоцна доби свој епилог. Снежана Лупевска Созен со тимот на „Код“ кој го сочинуваат Миомир Серафиновиќ и Билјана Николовска преку серијалот објави со наслов „Истрага за крвавиот четврток“ ги истражува настаните во македонското Собрание од 27 април минатата година.
На предлог на иницијативна група годинава наградата за животно дело ја доби новинарот Љубомир Гајдов, кој педестина години е дел од новинарството. Гајдов во својата кариера бил известувач и коментатор од големи светски настани, кои ја сменија свестската историја, долгогодишен новинар на МТВ и Радио Скопје, направил голем број интервјуа и учесник на голем број дебати.
Наградените заблагодарувајќи се за наградата изразија надеж дека таа ќе биде поттик и стимулирање за помладите новинари да работат на истражувачки стории, бидејќи иднината на новинарството е таму и бидејќи новинарите се коректор на општеството.