Кинеската вселенска станица „Тијангон-1“ влезе во земјината атмосфера и изгоре над јужниот дел на Тихиот Океан, соопштија кинеските власти.
Модулот навлезе во атмосферата и во голема мера изгоре, соопшти Центарот за управување со пилотирани летови на Кина. Претходно, кинеските власти истакнаа дека е малку веројатно големи остатоци да стигнат до земјата.
И други научници предвидуваа дека станицата во голема мера ќе изгори во атмосферата и речиси сигурно нема да претставува опасност за луѓето.
Вселенската лабораторија, чие име значи „Небеска палата“, беше покрената во септрември 2011 година како прототип на кинеската вселенска цел: постојана вселенска станица која, како што се очекува, ќе биде покрената околу 2022 година.