Ќе се здружат собирачите на отпад

Министерството за животна средина и просторно планирање ќе има советодавна улога и ќе има свој претставник во работната група.

457

Градоначалникот на Скопје Петре Шилегов денеска го потпиша Меморандумот за соработка со неформалните собирачи на отпад. Овој меморандум го потпишаа и директорот на ЈП „Комунална хигиена, Абдусамед Шабани, претседателот на Асоцијација за управување со посебни текови на отпад, Филип Ивановски, претседателот на здружението „Ромски Бизнис Информативен центар во Македонија“, Зоран Димов и претставник на здружението за одржлив развој и заштита на животната средина „Гоу Грин“, Благица Сековска.

Целта на овој Меморандум е унапредување на соработката во управувањето со отпадот, како и вклучување на неформалните собирачи на отпад во формалниот систем за собирање и управување со отпадот во Скопје.

– Со овој Меморандум се обврзуваме дека заеднички ќе дејствуваме и соработуваме во интерес на подобрено управување со отпадот, унапредување на центрите за собирање, селектирање и складирање на отпадот на ниво на Град Скопје. Дополнително, со ова ќе се постигне формализирање на неформалните собирачи на отпад и нивно вработување, во организираниот систем за управување со отпад – рече градоначалникот Шилегов.

Главниот инструмент за соработка што произлегува од овој меморандум за реализирање на неговите цели е формирањето работна група.

– Работната група ќе изготвува предлози за подобрено работење на собирните центри, начини и методи за вклучување на неформалните собирачи на отпад, унапредување на пазарниот механизам и вработување на собирачите на отпад. За успешно функционирање на работната група, потписниците на овој Меморандум ќе номинираат по еден претставник од својата институција. Министерството за животна средина и просторно планирање ќе има советодавна улога и ќе има свој претставник во работната група – нагласи Шилегов.

Потпишувањето на овој Меморандум е важен чекор кон решавањето на проблемот со управувањето со отпадот и истото ќе има позитивни ефекти врз животната средина.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...