Градоначалникот на Скопје Петре Шилегов денеска го потпиша Меморандумот за соработка со неформалните собирачи на отпад. Овој меморандум го потпишаа и директорот на ЈП „Комунална хигиена“, Абдусамед Шабани, претседателот на Асоцијација за управување со посебни текови на отпад, Филип Ивановски, претседателот на здружението „Ромски Бизнис Информативен центар во Македонија“, Зоран Димов и претставник на здружението за одржлив развој и заштита на животната средина „Гоу Грин“, Благица Сековска.
Целта на овој Меморандум е унапредување на соработката во управувањето со отпадот, како и вклучување на неформалните собирачи на отпад во формалниот систем за собирање и управување со отпадот во Скопје.
– Со овој Меморандум се обврзуваме дека заеднички ќе дејствуваме и соработуваме во интерес на подобрено управување со отпадот, унапредување на центрите за собирање, селектирање и складирање на отпадот на ниво на Град Скопје. Дополнително, со ова ќе се постигне формализирање на неформалните собирачи на отпад и нивно вработување, во организираниот систем за управување со отпад – рече градоначалникот Шилегов.
Главниот инструмент за соработка што произлегува од овој меморандум за реализирање на неговите цели е формирањето работна група.
– Работната група ќе изготвува предлози за подобрено работење на собирните центри, начини и методи за вклучување на неформалните собирачи на отпад, унапредување на пазарниот механизам и вработување на собирачите на отпад. За успешно функционирање на работната група, потписниците на овој Меморандум ќе номинираат по еден претставник од својата институција. Министерството за животна средина и просторно планирање ќе има советодавна улога и ќе има свој претставник во работната група – нагласи Шилегов.
Потпишувањето на овој Меморандум е важен чекор кон решавањето на проблемот со управувањето со отпадот и истото ќе има позитивни ефекти врз животната средина.