Три од четирите опозициски партии на Албанците веќе навестија дека се подготвени да бидат дел од владиниот кабинет, откако премиерот Зоран Заев изјави дека размислува за реконструкција на Владата, но и за зголемување на парламентарното мнозинство.
Ова навестува метеж во албанскиот опозициски блок за влез во владата, бидејќи двете Беси и таа на Африм Гаши и таа на Билал Касами најавија можно учество во извршната власт. Доколку добие понуда и Алијансата за Албанците пак, би преговарала за влез на Илинденска. Засега од парламентарните партии само ДПА на Мендух Тачи не се изјасни дали би станала дел од власта.
Заев и да ги покани за влез во Влада четирите партии, речиси е извесно дека на Илинденска ќе нема место за сите, бидејќи веќе почнаа со условувања, дисквалификации и шеми кој со кого би можел да соработува во извршната власт.
Од Беса на Африм Гаши велат дека средба со Заев за влез во Владата сè уште немало, но оти со премиерот се одвива комуникација. Од таму додаваат дека преговорите ќе ги водат за евентуален влез на Беса во Владата, но не и во комбинација со други партии. И додека од Беса на Гаши не зборуваат дали повеќе преферираат соработка со ДПА или со Алијансата, децидни се дека нема да влегуваат во Влада во која би била Беса на Касами.
– Да имаше простор за соработка со нив, не би дошло до раскол – вели Орхан Муртезани од Беса.
Наспроти ова, на Беса на Касами не би и пречело да седне во иста влада со доскорешните сопартијци, односно со Беса на Гаши.
– За нас не би било пречка доколку и Беса на Гаши биде дел од Владата, кога веќе ДУИ е таму – вели висок функционер на Беса на Касами.
Но, тој е дециден дека не би биле во Влада со ДПА на Тачи и дека на Илинденска ја посакуваат Алијансата на Села.
Алијансата одамна се произнесе дека нема да учествуваат во влада во која би бил и Мендух Тачи.
По јавното позиционирање и нетрпеливост на Гаши и Касами, на Тачи и Села, на Касами и Тачи, очекувано е дека премиерот Заев во разговорите за проширување на Владата и на парламентраното мнозинство ќе треба да пресече која комбинација на партии му носи поголема стабилност и во Владата и во Собранието.
Заев викендов повтори дека ќе има реконструкција на Владата.
– Да, прво ќе има реконструкција, затоа што пред сè ќе расте бројот на пратеници во пратеничката група. Разговараме со дополнителни пратеници. Мислам дека треба да овозможиме стабилизирање на парламентот, од повеќе аспекти. Јас се надевам дека и опозицијата ќе се врати брзо во парламентот, но и вкупниот број на пратеници од парламентарното мнозинство би требало да биде посоодветен, за да може да нема вакви прекини на сендиците, паузи, собирање на пратениците или слично. Верувам дека ќе успееме со тоа, а поради тоа ќе се случи секако и реконструкција – изјави Заев.
Пратеникот Артан Груби за Телевизијата 24 рече дека има преговори за влез во Владата со Беса на Гаши и со ДПА. Тој ја отфрли можноста Беса на Касами и Алијансата да седнат на Илинденска.