Поранешниот градоначалник Стевчо Јакимовски кога го кроеше Деталниот урбанистички план за Тафталиџе 1 и Карпош 4 им ветуваше на скопјани дека ниту една педа зеленило нема да им биде одземена. Јакимовски ветуваше и ги прелажа скопјани. Во ДУП – от има само бетон, измами и манипулации – револтирани се граѓаните кои тврдат дека поранешниот градоначалник им сокрил што велат експертите за влијанието на Деталниот урбанистички план на животната средина во Тафталиџе 1, а планот заврши на Уставен суд. Скопјани во скоро очекуваат правилна и праведна одлука од уставните судии.
Бетон, измами и манипулации
Кога Советот на општина Карпош пред две години по директива на поранешниот градоначалник Стевчо Јакимовски и во отсуство на советниците од опозицијата, ден пред Бадник, ги донесе деталните урбанистички планови за скопските населби Карпош 3 и Тафталиџе 1, јасно беше дека во позадина е скроена голема ујдурма. И тоа против граѓаните кои водеа битка за животната средина и за зачувување на зелениот појас кој беше под закана на огромните зданија планирани во скришно донесениот ДУП. После Бадник пукна бруката дека советниците од тогашното владејачко мнозинство диригирани од Јакимовски, кренале два прста за деталните урбанистички планови за Карпош 3 и Тафталиџе 1, а револтираните граѓани рекоа дека ќе ја истуркаат вистината и правдата на виделина. Граѓанските иницијативи „Ние сме Карпош 4“ и „Зелено Тафталиџе“ по ваквата одлука неколкупати организираа протести и маршеви во општината и бараа да престане „бетонизацијата“ на Карпош, а неодамна добија и нова надеж од Уставниот суд кој прифати да расправа за законитоста на ДУП – от за Тафталиџе 1, иницијатива поттикната токму од граѓаните.
Градежните моќници одамна ја меркаа „Градска четврт З 06“
Владимир Кировски, советник во Општината Карпош, за Плусинфо сведочи како, советниците од тогашното мнозинство го донеле Деталниот урбанистички план кој сега е во фиоките на Уставниот суд. Тој како член на Комисијата за урбанизам изразува сомневање дека тајмингот на донесување на двата ДУП-а, ден пред Бадник, без медиумска покриеност бил специјално одбран за да се избегне реакцијата на засегнатите граѓани. Тој тврди дека двата исклучително важни урбанистички планови биле ставени на дневен ред во последен момент, непосредно пред седницата на Советот. Тој и неговите колеги неможеле да ги разгледаат приложените материјали, ниту да дозволат да одлучуваат спротивно на интересите на граѓаните, па донеле одлука да ја напуштат седницата на Советот.
– Како советници од советничката група на опозицијата, тогаш бевме оневозможени да ги разгледаме материјалите, ниту после тоа, согласно разгледаните материјали да реагираме, да разговараме со засегнатите граѓани кои изразија забелешки во анкетните листови, а со тоа и да навлеземе во материјална расправа во рамки на дискусијата што би се отворила на самата седница – вели Кировски и се присетува дека тогашното мнозинство ги игнорирало забелешките на советниците дека материјалите требало да им ги достават најмалку една недела пред одржувањето на седницата.
Откако си заминала опозицијата, поранешниот градоначалник Стевчо Јакимовски и неговите советници во брзањето пред празникот Бадник да го донесат ДУП – от за Тафталиџе 1, додека жителите на Карпош славеле на бадникарските огнови, направиле превид, или намерно за да спречат реакција на засегнатите граѓани јавно не ја објавиле Стратегиската оцена за влијанието на спорниот ДУП – от на животната средина. Тоа подоцна било откриено од жители на општината Тафталиџе кои поднесоа иницијатива до Уставниот суд со која побараа уставните судии да ја оценат законитоста на ДУП – от за Градска четврт „ З 06“. Овој план го опфаќа просторот помеѓу булеварот „Партизански одреди“, улицата „Московска“, булеварот „Македонија“ и булеварот „8 септември“. За овој простор уште во времето голем интерес покажуваа градежни моќници кои подоцна успеаја, како што тврдат граѓаните, заедно со Стевчо Јакимовски да скројат градежни маркици, кои ниту една локална власт што води сметка за урбанистичкиот простор, но и за барањето на жителите не би ги дозволила. На овој простор, како што е познато според ДУП-от донесен на Бадник пред две години, е предвидено да се гради станбен објект со седум ката со висина од 21,7 метри и лепенка хотел приземје и пет ката. Во кројката на оваа градежна маркица учествувал и Љубисав Иванов Ѕинго.
Како што објавивме претходно, општина Карпош донесе одлука за времен прекин на постапката за издавање на одобрение за градба за локација во населбата Тафталиџе 1. Станува збор за објектот на стариот дом на култура кој се наоѓа во непосредна близана на ОУ „Јан Амос Коменски“. Според општинските власти, сопственик на овој простор е Социјалистичка партија на Македонија која се јавува и како инвеститор заедно со фирмата „Гренадер ДООЕЛ Скопје“. Тука, според ДУП-от е предвидено да се гради седумкатница и хотел.
Се крои ли уште една ујдурма?
Дека Уставниот суд донел решение за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката за донесување Детален урбанистички план за Градска четврт „3 06“ потврдува Оливера Филиповска, портпаролка на Уставниот суд и додава дека таа иницијатива ќе биде ставена на разгледување на некоја од наредните седници. На сајтот на Уставниот суд оваа одлука стои во форма на Нацрт. На седницата на судот на која се расправало за други одлуки што биле во истата фаза во која е и одлуката за спорниот урбанистички план, не било поведено расправа, што, кај граѓаните од Тафталиџе и од Карпош буди сомнеж дека можеби и Уставниот суд се токми за некаква ујдурма и за одолковлекување на постапката за оценување на граѓанската иницијатива.
-Кога за еден предмет има донесено нацрт – одлука, тоа значи дека предметот се наоѓа во втора фаза и секако дека ќе биде ставен на дневен ред пред уставните судии. Штом еден предмет ќе влезе во судот и ќе дојде до фазата во која сега е граѓанската инцијатива за оценување на уставноста и законитоста на ДУП за Градска четврт З 06 , Општина Карпош, тогаш е јасно дека ќе има исход за предметот – уверува Филиповска.
Во образложението на Уставниот суд стои дека Општина Карпош, при изготвувањето на оспорениот детален урбанистички план не ги почитувала наведените уставни и законски одредби. Направен бил пропуст во постапката за донесување на наведениот ДУП, вели Уставниот суд, на начин што Одлуката за неспроведување на Стратегиска оцена за влијание на животната средина и формуларот не била објавена на веб-страната на Општина Карпош, што била обврска предвидена со Законот за животната средина.
-Со необјавувањето на Одлуката за неспроведување на Стратегиска оцена за влијание на животната средина, на подносителите им било оневозможено правото на жалба по таа одлука кое им припаѓало според член 65 став 11 од Законот за животната средина. Поради наведеното, се предлага Уставниот суд да поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на оспорената одлука и истата да ја поништи – се вели во образложението на Уставниот суд.
Уставниот суд, претходно на 20 декември 2017 година побарал од Општината Карпош дополнителни информации во врска со иницијативата на граѓаните од каде што им биле образложени сите детали за постапката според која бил донесен спорниот урбанистички план. Во Општината Карпош велат дека на Уставниот суд му одговориле на 29 јануари и дека после два дена на 31 јануари по седница на Уставниот суд на сајтот на оваа институција излегла информација дека има Нацрт одлука на Уставниот суд за иницијативата на граѓаните. После тоа општинските власти не добиле информации кога ќе се разгледува иницијативата, иако на 16 февруари побарале од Уставниот суд, информација во која фаза е предметот за спорниот ДУП.
Локалните власти велат дека во Општината Карпош граѓани секојдневно поднесуваат барања за одобрение за градење, како и други постапки кои не трпат одложувања, а се поврзани со ДУП – от за кој Уставниот суд ја прифати граѓанската иницијатива да ја оценува неговата закониотост.
Неизвесност ги мачи и инвеститорите – никој не знае што ќе биде ако на Уставен суд падне ДУП – от за Тафталиџе 1 , но и што ќе се случува и со Деталниот урбанистички план за Карпош 3 кој исто така беше донесен преку ноќ пред две години на Бадник.
Скопјани, пак, ќе се кренат
Долга и неуморна беше битката на скопјани против уништувањето на зеленилото во Тафталиџе 1. Жителите на Карпош 4 совреме му доставија и петиција на тогашниот градоначалник Стевчо Јакимовски. И тогаш бараа измени на Деталниот урбанистички план. Од Заедницата на станари Вич 24 порачуваа и преку протести и преку социјалните мрежи:
„Сите до еден сме против измените на ДУП-от, и нема да ви дозволиме да ни го уништите зеленилото и дрвјата, во замена за паркинзи, станбени згради и деловни простори“…..
Граѓаните добиваа подршка и од зелените. Партијата ДОМ се приклучи на барањето за повлекување на ДУП – от.
„Граѓаните се со право револтирани од објавениот предлог за ДУП. Секој лаик може да види дека е предвидено уништување на сите, ама буквално на сите паркови и игралишта“, апелираа од Демократската обнова на Македонија.
После сиот гнев и револт граѓаните го натераа Јакимовски да изјави дека нема да се градат паркинзи и објекти во зеленилото во населбата Карпош 4.
„Нема да биде ниту една педа зеленило одземено на граѓаните од овој дел на општината. Планот е законски и прописно направен според стандардите, и нема да има никаков проблем за граѓаните“, ветуваше Јакимовски, а од граѓаните ја сокри Стратегијата за влијанието на бетонските зданија на животот во Тафталиџе 1.
Јакимовски вети и ги прелажа скопјани. Во ДУП – от има само бетон, измами и манипулации – револтирани се граѓаните кои очекуваат правилна и праведна одлука на Уставниот суд.