Ќе има нов протест за името во Грција, ако се постигне договор

Еден од организаторите, Отон Јаковидис, за грчката телевизија Скај ги откри плановите во случај, како што вели, „Владата да не ја послуша пораката што ја доби од двата протеста и не ги земе во предвид истражувањата на јавното мислење“.

395

Протест пред грчкиот Парламент и 48-часовен генерален штрајк планираат да одржат организаторите на демонстрациите за „одбрана на името Македонија“ во Грција, во случај евентуалниот договор да биде доставен за пратениците да дадат зелено светло.

Еден од организаторите, Отон Јаковидис, како што јави дописникот на МИА од Атина, за грчката телевизија Скај ги откри плановите во случај, како што вели, „Владата да не ја послуша пораката што ја доби од двата протеста и не ги земе во предвид истражувањата на јавното мислење“.

– Ако прашањето стигне во Парламентот, а претходно не се распише референдум, ние бараме референдум за да не стигне до Парламентот, но ако стигне во Парламентот, истиот ден ќе објавиме 48 часовен генерален штрајк, што во продолжение ќе стане континуиран, ако не се исполнат нашите барања, односно барањата на народот. Во исто време ќе го повикаме грчкиот народ да излезе на Синтагма, да го опколи Парламентот за да ги заштитиме и демократијата и Македонија – вели за ТВ Скај Јаковидис од движењето „Термаикос ора миден“.

Организациите од грчката дијаспора за 18 март најавија протест пред седиштето на ОН во Њујорк, додека пак вчера во грчкиот град Поликастро се одржа собир за Македонија. Насобраните граѓани од центарот на градот, извикувајќи „Македонија е грчка“; „Александар живееш, ти нѐ водиш“; „Народот не заборава, ги беси предавниците“, се обидоа да стигнат до границата со Македонија, меѓутоа беа спречени од полицијата. По малите инциденти, откако дел од демонстрантите се обидоа да го пробијат полицискиот блок, граѓаните не успеаја да дојдат до нивната крајна цел, граничниот премин, па се вратија назад.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...