Ќе ги загуби ли Заев нервите?

657

Необичен е нискиот политички капацитет што продолжува да го покажува новото раководство на ВМРО-ДПМНЕ. Тие, буквално, се занимаваат со „страничната“ политичка агенда на СДСМ (Ќосето и слични глупости), а ги „преспиваат“ магистралните правци на суштинското позиционирање на Македонија за наредната деценија – евро-атлантските интеграции. Нив, едноставно, ги нема во кадрите на крупните прашања, се занимаваат со ситничави прес-конференции за тендерчиња, лончиња и капачиња. „Долгата сенка“ од последиците на владеењето на Фамилијата, чии соучесници бројат недели и месеци во притворот во Шутка и по судските клупи, ќе ја чинат оваа партија уште еден пропуштен историски воз: ќе останат на маргините на македонското зачленување во НАТО и во ЕУ. Како кога се носеа тешките одлуки за добивање на кандидатскиот статус во ЕУ… Како кога се носеа тешките одлуки за конфликтот во 2001… Како кога се носеа тешките одлуки за осамостојувањето и приемот на Македонија во ООН… Итн.

Повторно партизаните, комуњарите и соросоидите ќе одработат уште едно суштинско прашање за постоењето на македонската држава. А ВМРО, главно, ќе мрчи. И, традиционално, повеќе ќе одмага, одошто ќе помага, ама со дигнат нос на историски презир и сè со некакви начкртани листи на предавници и конфузни закани кога-ние-ќе-се-вратиме-на-власт…

Во меѓувреме, Јункер на Заев во Скопје, на прес-конференција му се обраќа со “Cher Zoran” („Драг Зоране“), а со Меркел, Заев во Берлин од нејзината (пази сега:) бундесканцларамт тераса ги густира модерните урбани контури на Потсдамер плацот и на Рајхстагот… Па, иако во Брисел можеби секој-секому му се „лигави“ со мон-шер-ами по име, а не по презиме; а Меркел можеби секој гостин го качува на таа панорамска тераса како дел од вообичаениот протокол – сепак, за Македонија се тоа разгалувачки дипломатско-политички промени, наспроти сивилото на нашиот меѓународен дебакл во ерата на Груевски.

Се разбира, ние не сме толку наивни да мислиме дека Јункер или Меркел имаат намера „вечерата“ на Заев да му излезе бесплатна. Но, друго е кога ќе те седнат да апнеш на главната маса, наместо кога ти нудат ланч-пакети во ходникот. За почеток, имаат доверба дека Струмичанецот нема да им украде некое парче од сребрениот прибор за јадење (од бештекот, што би рекле кај Меркел). Претходните ги сметаа за обични балкански политички џепароши.

Значи, така некако се движи работата, што станува очигледно дека и на Унијата, како никогаш до сега, ѝ е потребно Македонија да успее. Тоа, објективно, е добар ветер во грбот за реформите што самите треба да ги спроведеме.

Е, токму на точката на реформите, важно е да се види дали, во овие месеци што следуваат, Заев нема да ги загуби нервите? Што мислам со тоа?

Бројот на критичари на работата на неговата Влада е зголемен. Претстои владина реконструкција во која ќе има губитници и добитници, што значи дека нивото на озборувањата, тролањата по фејсбуци и ширењето афери неколкукратно ќе се зголеми… Еден, некни, меѓу две гондоли во „Веро“, со еден препознатлив есдесемовски цинизам, ми вели: „Прв кој треба да настрада во реконструкцијата е самиот Заев!“

Класика: најголемиот непријател на СДСМ е секогаш СДСМ. Тој панаѓур на суети, интереси, пози и плачки Заев ќе мора сега да го скроти, пред внатре-партискиот интригантски канибализам да земе замав. Плус, ќе мора без многу сентименти преку палубата на владиниот брод да ги фрли сите оние кои „не знаат, ама се трудат“ и кои „ниту знаат, ниту се трудат“. А има и едни кои и знаат и се трудат, ама со поинаква агенда од онаа на шер-ами-Зоран.

Дополнително, најавата дека реконструкцијата ќе се прави и заради „проширувањето на собраниското мнозинство“, значи доделување на некои кабинети и ресори на нови коалициони партнери. Во коалиционирањето со ДУИ, Заев за возврат доби повеќе неспособни и корумпирани кадри од „ергелата“ на Ахмети, кои само, по навика, си ги продолжија и во оваа Влада разбојништвата од минатиот режим, од гевреците до мерцедесите на државна сметка. Точно фали уште некој кадар на Амди Бајрам, да речеме, па да го замолиме и Грујо да се врати во Владата.

Да не излезе, на крајот, дека само Чавков се пресмета што на време не се понуди да каже што знае?! Можеби уште не му е доцна?

 

извор: Цивил медиа 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...