Карпош 4 ќе ја добие првата фитнес зона

Оваа година Општина Карпош од Агенцијата за млади и спорт ќе добие и еден реонски базен со училишни димензии.

2470

Во Карпош 4 денеска почнаа активностите за изградба на првата современа фитнес зона во општината.

Во соработка со Агенцијата за млади и спорт, ќе се добие фитнес зона опремена со 8 справи за вежбање, од кои, една справа за лицата со посебни потреби.

Градоначалникот на Општина Карпош Стефан Богоев посочи дека фитнес зоната е на локација која е лесно достапна за граѓаните и ќе може да се користи од граѓани на различна возраст.

– Поентата е во повеќе населби низ Карпош да создадеме вакви зони за спорт и рекреација. Конкретно, покрај оваа фитнес зона, ќе го уредиме и околното зеленило со цел да добиеме еден убав појас за спорт и рекреација на граѓаните. Почнуваме во Карпош 4, но, намерата е да продолжиме со вакви проекти и во другите населби. Овие маалски, спортски катчиња придонесуваат да се развијат здравите навики кај граѓаните, да се рекреираат и да имаат физичка активност – рече Богоев.

Станува збор за инвестиција на Агенцијата за млади и спорт (АМС), при што фитнес зоната ќе чини 1.999.994,00 денари (со вклучен ДДВ), а рокот за изведба е три месеци.

Директорот на АМС, Дарко Каевски, посочи дека Агенцијата работи на приближување на спортот и спортските активности до сите граѓани, и овој проект ќе продолжи и во претстојниот период. Според Каевски, оваа година Општина Карпош од Агенцијата ќе добие и еден реонски базен со училишни димензии.

Проектот ќе го реализира изведувачот „Урбано Е.Л.“ ДООЕЛ Скопје, проектант е „Интеградба – Таневски“ ДООЕЛ Скопје, а надзорен орган е „Евроконсалтинг“.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...