Каменос: Ќе ја спречиме употреба на терминот Македонија во името на Скопје

717

Ние на кој било начин ќе ја спречиме употреба на терминот Македонија во името на Скопје, ова е јасно, вели лидерот на Независни Грци, партијата коалиционен партнер во грчката влада и министер за одбрана на Грција, Панос Каменос.

Во интервју за утринска емисија на грчката телевизија „Антена“, тој не само што ги повтори неговите позиции против сложено име, туку два пати порача дека тие како партија ќе се обидат на кој било начин, да блокираат терминот Македонија да биде вклучен во името на нашата земја.

Како што јави дописничката на МИА од Атина, Каменос рече дека за евентуалниот договор да стигне до грчкиот парламент, потребно е да се исполни грчкото барање за уставни промени.

– За да има промена на Уставот ќе треба да се одржат избори во Скопје. Ајде да речеме дека ќе се одржат избори и да речеме дека има пресврт и прифатат уставни промени, што денес не прифаќаат. Само тогаш, со одлука на грчката влада, ќе дојде овој договор во парламентот и ќе треба да решиме што ќе правиме. Ние пред сѐ нема да предложиме таквото решение да дојде во парламентот. Второ, и да предложат другите и Нова демократија и тогаш нема да гласаме. И ако треба и на друг начин да го блокираме процесот, ќе го сториме тоа, рече Каменос.

На прашањето дали тоа значи и пад на актуелната грчка влада, лидерот на Независни Грци објасни дека за да се случи тоа, ќе треба одлуката да е и негова и на грчкиот премиер.

Каменос, токму поради барањето за уставни промени, смета дека договор нема да има, па дури ни по изборите во Грција што регуларно треба да се одржат во септември следната година.

– Сметам дека прашањето со името на Скопје нема да дојде пред изборите, бидејќи нема да има уставна промена во Скопје. Веруваме дека нема да дојде ниту по изборите. Но, доколку дојде, јас сум обврзан да го следам мандатот што го имам од граѓаните. И мандатот што Независни Грци го имаат од народот е никаква употреба на терминот Македонија, од никаква причина и на никаков начин, крај – порача актуелниот министер за одбрана на Грција.

Во однос на изјавата на грчкиот премиер и употребата на името Горна Македонија на прес-конференцијата во петокот, во одговор на прашањето на дописничката на МИА од Брисел, Каменос вели дека тоа е став на Ципрас.

– Премиерот верува во тоа и јавно го кажа и се бори за тоа да најде решение со сложено име во рамките на договорот на Караманлис од Букурешт. Моето мислење и мислењето на Независини Грци, и тогаш беше исто, а тоа е да не се користи терминот Македонија во кое било име, дали е Горна, Нова, поранешна – коментираше коалициониот партнер во грчката влада.

Панос Каменос во интервјуто објасни дека тој е министер за одбрана во една коалициска влада, во која секој има свои црвени линии.

– Премиерот ги почитува моите црвени линии, јас ги почитувам црвените линии на премиерот – додаде Камнос.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...