Како да го дистанцираме Македонецот од себе!

Тоа да веруваме во човекот и да му се придружиме на коригираниот пат и тоа да го делегитимираме и смениме од власт, не се две опции, тука, во овој крајно деликатен историски момент, има само една опција.

675

Македонците немаат ментални и културни инструменти за сложени амбиенти со повеќе од две опции. Тоа ги дефинира како прости, да не речам како едноклеточни организми.

Понекогаш во нив гледам жонглери приправници на кои при секој обид третата топка им испаѓа од рацете. Ако им дадете да играат со четири и повеќе топки тие се спремни да си ја откинат главата за да го надоместат падот на некоја топка. Само за да не го загубат работното место во циркусот.

Без елементарно чувство за сложеноста на животот, секогаш кревале преуранети востанија или заборавале дека е време да ги кренат. Не треба ништо да им се докажува. Тие се самите доказ за својата трагика. Поразот на идејата за самостојна држава може да се толкува и вака и така, но тој е пред сѐ пораз на Македонецот во амбиентот на слободата. Кој не го разбира. Издржа некое време како резултат на инерцијата од неслободниот и строго уреден свет на комунизмот, но кога тие батерии му се испразнија, тој претпочиташе да се врати во својата примитивна форма, а не да исчекори напред. Затоа си го измисли ВМРО-ДПМНЕ. Злосторничката инсталација е слободна зона на неговата примитивност. Во која државата е гајда без гајдист.

Заев е ловец кој мисли дека хиените ќе ги култивира ако им фрла по некое парче месо, односно дека тие ќе му бидат благодарни ако ги ослободи од обврските да ловат. Неговите благородни идеи се во спротивност со природата на живиот свет во македонската савана. Првин ќе го скусат за раката со која им го фрла месото, а потоа ќе го најдат во форма на хиенско говно на патот по кој животните одат на поило.

Потребна е радикална промена во методите на борбата, не во целите. Опортунистичкото прилагодување на вредосните критериуми ги уриваат вредносните критериуми на надежта и напредокот. Зад надворешно, јас така мислам, сервисираната опортунистичка финоќа, има некоја идеја, систем, се разбира, „еленизмот“, ако можеме така да го наречеме врвниот критериум на кадровската политика, веројатно е препарат со кој власта сака да го анестезира и корумпира општеството пред решавањето на прашањата за името и други важни прашања, но тој пристап, се плашам, ќе го скуси господинот Заев за нешто што се вика легитимитет, а општетството ќе го ослободи од сите надежи.

Негова задача е да го дистанцира Македонецот од себе, а не да го мака во неговите празнења. Македонецот е како младо кутре кое обожава да се валка и во своите и во туѓите говна. Владата е таа која треба да се обиде да го одучи од тоа. Малку стап, малку синџир, малку маска на муцката, има, сакам да кажам, соодветни постапки кои се понекогаш и болни за кучето, но се ефикасни.

Забележувам, меѓутоа, дека критиките кон Заев се вообличуваат во манифестација на македонската еднодимензионалност, а не во обид да се исчекори од таа залепеност во еднозначноста. Луѓето престануваат да веруваат во него не како во политичар туку како во месија кој не им го донел на земјата рајот што им го ветил. Типична македонска епика. Дајте нов лидер, овој го потрошивме. Во звучна смисла не гледам некоја разлика меѓу манифестациите на Македонците и тука и во таканаречената дијаспора и утринското гракање на чавките од крошните на тополите во Аеродром.

Дури и филозофската и политичка димензија кај луѓето не е многу поразлична од чавкарската химна. Елитата е дефинитивно во својата димензија на таканареченоста, самоослободена од магијата во која го градеше и го имаше својот статус, изгледа како говно на силен дожд. Како историската граѓа во поплавениот Археолошки музеј. Македонското општество е највулгарно дезелитизирано, сведено е, буквално, на тоа чавкарско, хистерично, ниво.

Јас мислам дека со овие и со некои други промени, со поголема одважност и храброст, дури и расипаност во борбата со злосторничкиот и злонамерен свет, Заев може да ја искачи Македонија на повисоко ниво.

Тоа да веруваме во човекот и да му се придружиме на коригираниот пат и тоа да го делегитимираме и смениме од власт, не се две опции, тука, во овој крајно деликатен историски момент, има само една опција. Првата, нормално. Втората дава основа за смртоносни интерполации, особено ако се сврзани со епиката на одбраната на името и слични глупости. Тоа не значи промоција на Заев во незаменлив лидер. Не, тоа само значи респект кон тоа што досега е направено, верба дека може многу повеќе, верба дека може да се поправат грешките, самиот Заев најави таква работа и респект кон сложеноста и мачноста на процесите. Клучно е и тој и ние да разбереме дека ние се распаѓаме, пред сѐ, како резултат на нашата природа, нас не нѐ загрозува опасноста да го смениме името и идентитетот туку самиот идентитет.

Тоа е.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...