Директорот на Агенцијата за млади и спорт, Дарко Каевски, нема да даде оставка по скандалозното издание на збирката поезија од проектот „Млади поети“.
Тој повтори дека чувствува морална, а уште поголема професионална одговорност, но за одговорноста зошто ваква скандалозна поезија воопшто го здогледала светлото на денот, го впери во стручната надворешна комисија. Каевски вели дека ниту дал согласност да биде уредник на збирката, ниту пак знаел дека неговото име ќе го пишува во графата „уредник“. За тоа дознал откако книгата со песни од млади поети била испечатена.
– Како директор не сум дал никаква писмена или усмена согласност да бидам уредник, притоа АМС не може да биде издавач на збирката поезија „Млади поети“, а овластеното лице на АМС не може да биде уредник на истата имајќи ги предвид предвидените законски услови кои ги пропишува Законот за издавачка Дејност – рече Каевски на денешната прес-конференција.
Ова е четврто издание на оваа збирка, а во претходните три и воопшто не пишувало уредник. Била наведувана само издавачката куќа односно печатницата и одговорното лице од истата.
Каевски ниту знаел ниту пак, како што напомена, бил одговорен да ги чита песните. Но, затоа ќе се испитува и бара одговорност од останатите инволвирани лица. Засега е донесена одлука да се суспендира раководителот на секторот Млади во АМС и комисија да ја утврдува дисциплинската одговорност на тој раководител. Неговиот сектор, како што е наведено во одлуката за реализирање на овој проект, е одговорен за реализација и координација на проектот.
Исто така, комисија е ја утврдува и одговорноста на ангажираните членови на стручната комисија.
Од оваа стручна комисија, која била надворешна, директорот на АМС најави дека ќе се бара да ја надомести штетата во целост.
– Со решение од 18 декември 2017 година Комисијата имала обврска да изврши селекција на пристигнатите творби и да постапи совесно, стручно и непристрасно, како и согласно позитивните законски прописи на Република Македонија. Одговорноста за направениот избор и за содржината на збирката „Млади поети“ ја носат нејзините членови – рече Каевски.
Членови на оваа комисија биле Јовиа Ивановски кој воедно бил и претседател, Николина Андова Шипова и Тихомир Јанчоски.
Во втората точка од ова решение пишува дека стручната комисија има задолжение селекција и избор на најдобрите авторски дела пристигнати во Агенцијата како дел од конкурсот.
„Стручната комисија во рок од 10 дена од завршувањето на конкурсот ќе донесе одлука за прво, второ и трето наградената авторска творба, ќе изврши селекција на пристигнатите творби за збирката „Млади поети“ и ќе изготви писмен извештај до директорот“, пишува во решението за формирање на оваа комисија.
Членовите на комисијата, пак, во јавноста реагираа дека тие имале обврска да ги одберат трите наградени песни, а такво решение воопшто не добиле.
– Откако изби скандалот, директорот на АМС ја префрла вината врз нас. Тоа е очекувано. Ако вината е до АМС, а тој е таму директор, ќе му речат да си даде оставка. Новинарите ги љубат скандалите и едвај чекаат такво нешто. Покажувал пред камери некакво решение. кое никој од нас никогаш не го видел, и на кое нема потпис на ниеден од нас – реагираше Тихомир Јанчоски.
Овој проект е реализиран преку распишување на тендер кој не подлежи под закон за јавни набавки (тендер под 5.000 евра). На денешната прес-конференција, Каевски рече дека печатењето и дистрибуцијата за 5.000 примероци од оваа книга требало да чинат околу 170.000.
Збирката е повлечена, печатењето е запрено, а тие што се веќе испечатени најверојатно ќе завршат во магацин.
Проектот ќе продолжи и понатаму, но од АМС најавија дека ќе подлежи на сериозно ревидирање.