Kонкурс за „Награда од Европската Унија за истражувачко новинарство“

45

Отворен е конкурсот за истражувачки стории од земјите на Западен Балкан и Турција за годишната „Награда од Европската Унија за истражувачко новинарство“.

На конкурсот може да се пријават сите новинари кои објавиле истражувачки стории во периодот од 1 јануари до 31 декември 2018 година, поврзани со следните теми: слобода на изразување, владеење на право, транспарентност, злоупотреба на моќта и основни човекови права, корупција и организиран криминал. Рокот за пријавување е 17 јули 2019 година.

Наградниот фонд за 2019 година во Република Северна Македонија (за новинарски производ објавен во 2018), соопшти Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници, изнесува 10.000 евра. Првата награда изнесува 5.000 евра, втората 3.000 и третата 2.000 евра.

На конкурсот може да се пријават поединци или групи на новинари со свои дела од сите новинарски форми (печат, онлајн, радио и ТВ) објавени или емитувани во медиумите во Република Северна Македонија на македонски, албански, на некој од јазиците на заедниците или на некој од светските јазици.

Критериумот за учество е сториите со кои се аплицира да биле објавени во печатен, онлајн, радио или телевизиски медиум во календарската 2018 година.

„Награда од Европската Унија за истражувачко новинарство“ на Западен Балкан и Турција има за цел да ги истакне и промовира извонредните постигнувања на истражувачките новинари како и да ја подобри видливоста на квалитетното новинарство во земјите од Западен Балкан и Tурција.

Наградата, се посочува, е продолжение на регионалната „Награда од Европската Унија за истражувачко новинарство“ во земјите од Западен Балкан и во Турција и е дел од тековниот проект „Зајакнување на квалитетните вести и истражувачкото новинарство во земјите од Западен Балкан и во Турција“ администриран од Балканската истражувачка репортерска мрежа (БиХ) во партнерство со седум медиумски организации.

Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници како член на конзорциумот, ќе ги координира активностите поврзани со конкурсот во Македонија.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...