Црна Гора има силна волја да влезе во Европската унија и нејзината судбина е во ЕУ, изјави денeска претседателот на Европската комисија Жан-Клод Јункер во црногорскиот парламент.
– За помалку од 12 години успеавте да поминете неверојатен пат – нагласи Јункер.
Тој потсети дека државата е членка на ОН, ММФ, СТО, а од лани и на НАТО. Претседателот на ЕК ги пофали постигнувањата на Црна Гора во процесот на европската интеграција, но предупреди дека не треба да се мешаат брзината и квалитетот на реформите.
– Со која брзина ќе се исполнат задачите од Стретегијата зависи од држава до држава. Не дојдов во Црна Гора да давам празни верувања. Датумот за влез во ЕУ зависи само од вас. Тој датум што се споменува, 2025 година, е само перспектива кон која треба да се оди со брзи чекори – рече Јункер на прес-конференцијата во Подгорица.
Тој додаде дека Црна Гора може да им служи како пример на останатите држави од Западен Балкан .
Јункер ја повика опозицијата да се врати во парламентот и оцени дека е важно да се воспостави дијалог и да се донесе „нова свежина“ околу целта – членство во ЕУ.
Во Парламентот во Подгорица, денеска немаше претставници на опозицискиот Демократски фронт, кои се вратија во пратеничките клупи кон крајот на минатата година, како ни претставници на „граѓанската“ опозиција, кои од изборите во октомври 2016 година ја бојкотираат работата на Парламентот.
На средбата со премиерот Душко Марковиќ, Јункер рече дека државата има два приоритета – интеграција во ЕУ и економски развој. Тој ја поздрави политиката што премиерот ја спроведува кон соседните држави.