Бугарија амбициозно „граби“ струја од сонцето

Иако источниот сосед сега има 60 пати повеќе фотоволтаици од Македонија, се гради нов гигантски соларен парк, а на покривите никнат соларни панели.

359

Неверојатни нешта се случуваат на пазарот на електрична енергија во светот, поради трендот на искористување на обновливите извори на енергија. Многу луѓе тешко си ги плаќаат сметките за струја. Така е во многу земји, а и во Македонија. Но, во Германија, на пример, има моменти кога е обратно – кога електропроизводителите треба да им плаќаат на своите претплатници за да ја користат нивната струја!

Неодамна се случи таков „пик“, јави Блумберг. Производството на ветерните централи во оваа земја достигна рекорд и понудата на струја ја надмина побарувачката, па цените паднаа под нулата. Кој знае што ќе се случува во иднина. Германските оператори мака мачат да постигнат баланс меѓу производството и побарувачката. Дотолку повеќе што Германија е лидер во Европа и по производство на струја од соларни извори и во користење на други обновливи видови на енергија.

Бугарија повеќе произведува, одошто троши

Бугарија не е Германија, се разбира, но и нашиот источен сосед произведува повеќе отколку што може да потроши. Тоа е благодарение главно на атомската централа „Козлодуј“, со инсталирана моќност од 2 х 1.000 мегавати. За среќа, освен што Бугарија има соседи гладни за струја (меѓу нив и Грција и Македонија), во 2017 година потребите за струја во земјата продолжија да растат со побрзо темпо од производството.


Злогласниот „Козлодуј“ – два пати по 1.000 мегавати инсталирана моќност

Според податоците на Електроенергетскиот системски оператор (ЕСО), за периодот од 1 јануари до крајот на ноември 2017 година, побарувачката се зголемила за 4,2 отсто (36,3 милиони мегаватчасови), додека во истиот период производството е зголемено за 1,63 отсто (41,4 милиони мегаватчасови). Основен дел од производството доаѓа од базните централи, но расте производството и од т.н. зелени централи (соларни и ветерни), додека во зимскиот период опаѓа производството на хидроцентралите.

Како мала дигресија од темата, вреди да се каже и тоа дека Бугарија е една од шесте земји во ЕУ во кои најголем дел од сметките за струја што ги плаќаат домаќинствата оди за производство на струја. Анализата на асоцијацијата EURELECTRIC покажува дека делот за производство, трговија и опслужување на клиентите носи 46 отсто од сметките, додека остатокот е за пренос на струјата, како и за даноци и државни субвенции. За разлика од овие шест европски земји, во другите најголем дел од парите се трошат за т.н. мрежарина.

Во рамките на проектот „Фотоволтаичните технологии – енерегтската иднина на Македонија“, поддржан од фондацијата Цивика мобилитас, истражувачкиот тим на Плусинфо ја избра токму Бугарија како земја за споредба со нашите скромни локални искуства. Причините за тоа се очигледни – за разлика од Македонија, во која вкупните капацитети на фотоволтаици се со инсталирана моќност од 18,2 мегавати, во Бугарија вкупниот капацитет на фотоволтаичните соларни централи изнесува околу 1.100 мегавати. Со други зборови, Бугарија има 60 пати повеќе фотоволтаици од Македонија!

Професор д-р Петко Витанов, придружен член на Бугарската академија на науките (БАНУ), за Плусинфо ги објаснува причините зошто соларната енергија во Бугарија е толку популарна, а се очекува нејзината популарност и натаму да расте:

– Фотоволтаичните централи, како и фотоволатичните панели на покривите на куќите, се одлични инвестиции. Фотоволтаичните клетки практично се вечни. Трошоци за опслужување и за некаково посебно одржување на панелите нема. Во почетокот на бумот на соларните централи, компаниите инвеститори постигнаа добри договори за високи откупни цени за произведената струја. Сега цените се намалија, но тие договори важат и до 25 години.


Кој е проф. д-р Петко Витанов?

Професорот Витанов е врвен познавач на оваа проблематика во Бугарија. Во рамките на БАНУ, уште во далечната 1979 година, е основана Централна лабораторија за сончева енергија и за нови извори на енергија. Од 1993 до 2014 година, Витанов е нејзин директор, а денес е угледен консултант.

– До 1993-1994 години, немаше голем интерес за обновливите извори на енергија. Но, во тие години се случи бумот во Германија. Дојде до технолошки напредок. Инверторите овозможуваа размена на струјата на мрежниот напон од 220 и 380 волти. Германија пред крајот на милениумот воведе фидинг-тарифа од 50 фенинзи и тоа предизвика страотен развој на фотоволатичните технологии. Денес инсталираната моќност на фотоволтаиците во оваа земја 36 гигавати. Можете ли да замислите што значи тоа? – прашува Витанов.


Професорот Витанов ни ја објаснува ценовната политика во Бугарија. Фотоволтаичните инсталации до 5 киловати, главно поради наследените договори од минатото, на сопствениците им носат субвенционирана цена од 0,7 лева за киловатчас. Соларните централи од 5 до 30 киловати струјата ја продаваат по 0,23 левови, додека централите над 30 киловати по цена од 0,09 лева. За споредба, најниската цена, онаа од „Козлодуј“, изнесува 0,04 лева. Но, слично како и кај нас, во Бугарија се подготвува нов закон, согласно со директивите на ЕУ.

– Интенцијата е да се воведе слободен пазар. Сите централи ќе конкурираат на слободниот пазар. Секако, верувам дека ќе се бараат решенија за балансирање, бидејќи тоа е клучниот проблем кога имате поголемо производство од побарувачка на електрична енергија – објаснува професорот.

Гигантски соларни паркови или панели врз покривите?

Кога патувате од Македонија кон Софија преку Самоков, а потоа и кон Пловдив, на прв поглед ви станува јасно дека проблемите за кои зборувавме со професорот Витанов не го намалуваат ентузијазмот на инвеститорите и за инсталирање на сончеви панели на индивидуалните куќи, но и за изградба на големи соларни паркови. Фотоволтаици можат да се забележат речиси на секој чекор. Има еден куп компании кои увезуваат соларни панели, главно од Кина, но и од други земји. Цената на фотоволтаиците опаѓа и тоа ги прави инвестициите атрактивни.


Соларниот парк во Караџалово (60,4 мегавати) наскоро ќе добие конкуренција

Во овој момент, за најголема фотоволтаична централа во Бугарија се смета соларниот парк во Караџалово во централна Бугарија. Оваа соларна фарма има инсталиран капацитет од 60,4 мегавати (скоро три ипол пати повеќе од вкупните фотоволтаични капацитети во Македонија). Но, овој соларен парк, во кој во 2012 година се вложени 320 милиони лева, наскоро ќе добие силна конкуренција. На пасиштата во општина Девнја се гради гигантски фотоволатичен парк, со инсталирана моќност од 165 мегавати. Ќе биде изграден во три етапи, до 2.022 година.


Која е најголемата фотоволтаична централа во светот?

За балкански прилики, фотоволтаичен парк со инсталирана моќност од 40, 50 или и повеќе мегавати се смета за гигантски. Нормално, бидејќи досегашните капацитети се мерат главно во киловати. Но, како куриозитет, да го спомнеме податокот дека најголемата фотоволтаична централа на светот се наоѓа во пустињата Тенџер во Кина и има инсталирана моќност од 1.547 мегавати – повеќе од вкупната моќност на сите соларни паркови во Бугарија.


Но, како во светот на науката, така и во праксата, голема дилема е дали поповолна концепција е да се тргне во насока на изградба на вакви гигантски соларни паркови, или да се форсира изградбата на фотоволтаични панели за индивидуалните домаќинства. Има мислења дека во иднина ќе победи концепцијата со индвидуалните куќи и објекти за живеење. Во Бугарија се забележува голем ентузијазам за вакви инвестиции, за кои продавачите на панели убедуваат дека се исплатуваат за седум до осум години. Голема дилема е и тоа дали да се продава произведената струја на таков начин, или не. Оние што сакаат да ја продаваат, се подложни на промени на политиките и на сложени административни процедури.

– Во последните години се забележува тенденција за пораст на инвестициите во фотоволтаични централи. Цената на опремата е опадната за 35 до 40 отсто и продолжува да паѓа. Од друга страна, технологијата напредува и клетките се подобруваат. Но, во последните две години забележуваме дека инвеститорите претпочитаат системи кои целосно се користат за сопствени потреби. Причината за тоа е што преференцијалната цена, по која таа енергија може да се продаде, почна да се доближува до цената на регуларниот пазар. Кога пазарот ќе се либерализира, движењето на цените ќе биде нешто непредвидливо – објаснува во една статија Красен Матеев, оперативен директор во „Солар про“, позната компанија девелопер на вакви технологии.

Значи ли ова дека приказната за фотоволтаичните технологии се враќа на почетното прашање што го поставивме на стартот на нашиот проект – каква е смислата на затворените системи, што со вишоците на струја коишто затворените системи ги произведуваат во време кога луѓето не се дома? Вистински прашање за професорот Витанов.


Индивидуалните затворени системи пак стануваат популарни

Науката го нема кажано последниот збор

Македонија е земја која се соочува со недостиг на струја, кој во иднина може да стане и драматичен, пред сѐ поради РЕК „Битола“. Капацитетите на обновливите извори на енергија засега се незначителни. Тоа буквално значи дека во годините што доаѓаат, нашата земја нема да се соочи со маките со кои се соочуваат земјите кои произведуваат повеќе струја отколку што им е потребна, во кои операторите и електроенергетските системи мака мачат како да изнајдат системи на балансирање, а владите како да смислат регулатива што ќе ги задоволи сите. Но, од друга страна, најновите планови на Владата и на ЕЛЕМ ќе се движат во насока на поттикнување на инсталирање соларни централи и соларни панели за домаќинствата, ама со истовремено намалување на преференцијалните цени. Порано или подоцна, пазарот ќе се либерализира и кај нас.

Професорот Витанов, сепак, е убеден дека ние сме далеку од проблемите со кои се соочуваат развиените земји, или, попрецизно, земјите кои имаат високо производство на струја.

– Ако сакате да гледаме во иднината, помалку футуристички, јас би рекол дека клучното прашање на користењето на струјата произведена од фотоволтаичните панели не е како вишокот да му се продаде на електроенергетскиот систем, туку како тој вишок да се сочува или да се трансформира во друг вид енергија – вели Витанов.

Аргументите во прилог на оваа теза се многу сериозни. Пред сѐ, целиот напредок на технологија на изградба на живеалишта, на апарати за домаќинството, но и на индустриските капацитети, води кон решенија за користење на помалку енергија од секаков вид, вклучително и струја. Едноставно, идејата на иднината е енергијата во секаков облик да се штеди. Тука се и другите енергенси што се поевтини од струјата, како гасот, на пример. Нема да биде чудо ако во иднина многу производители на струја почнат да се соочуваат со маките на германските оператори, кога цената на произведената струја паѓа под нулата.

– Енергијата што ја добиваме од сонцето е подарок и несомнено, таа мора да се искористи. Но, тоа не мора да значи дека решението секогаш мора да го бараме во модели како таа струја да ја уфрлиме во електроенергетските системи, каде што се судираат разни, легитимни потреби и интереси. Еден од застарените концепти е вишоците струјата добиена од сонцето да се користат за механичко подигање на нивоата на вештачките акумулации, кои потоа произведуваат струја кога нема сонце. Но, интересен експеримент успешно се спроведува во пет села во Данска, на пример, каде струјата добиена од ветерници се трансформира во водород. Станува збор за извонредно корисен енергенс, кој при тоа е и еколошки, бидејќи после искористувањето се претвора во вода. Можеби тоа е едно од решенијата. Во секој случај, науката го нема кажано последниот збор и овој момент, кога производството на струја од фотоволтаични панели драстично поевтинува, мора да се искористи за да се бараат паметни решенија за менаџирање, со единствена идеја ниту еден киловат струја да не се губи – заклучува професорот Витанов.


(Во истражувањето во Бугарија учествуваа Александар Самарџиски и Рада И. Маневска)

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...