Јеби га, Осми март е!

Вистинска приказна за тоа како решив денеска, на трите жени со кои живеам, сопругата, бабата и малата Искра, да им подарам по еден цвет за празникот.

3223

Никогаш не сум го почитувал Осми март. Денот на мајките. Со сета почит кон она што го пишува мојата пријателка Ирена Цветковиќ порталот Пина.мк, за мене 8 Март секогаш бил и ќе остане Денот на мајките и Денот на учителките. Со тоа што, со текот на времето, троа го сменив мислењето за овие вториве, но за вистинските, храбри и одважни мајки, за тие кои се и мајки и жени што бркаат сопствена кариера наместо да стојат зад нашите машки успеси, отсекогаш сум имал голема почит.

Како и да е, со мојот поглед на нештата и со моето однесување – никому не подарувам цвеќе на празникот! – се сметам за човек надвор од трендот, заостанат дури, дефинитивно недостоен социјалдемократски да марширам за правата на жените, на пример. Иако, факт е дека сум маршиирал за родова еднаквост (нешто што е еквивалент на геј-парада), а и за правата на сексуалните работнички. Таков сум, тоа е…

Но, денеска ми тргна. Уште на излегување од дома, на две дами им го честитав празникот. Потоа бев во една наша државна институција, каде што на сите дами што ги сретнав им го честитав Денот на жената. На крајот ѝ се јавив на нашата карикатуристка Наташа Костовска, која, знаејќи ме добро, ме испревари, па ми рече: „Што е, да не сакаш да ми го честиташ празникот?!“ А немав намера… Е заради вакви на човек му иде да крене раце од желбата да биде љубезен и блазиран, по потреба.

Но, најинтересната епизода ми се случи во малата пошта во Градскиот трговски центар. Откако неуспешно се обидував да пополнам една уплатница, една љубезна госпоѓа од таа страна на шалтерот седна да ја заврши мојата работа. И додека таа работеше, а јас гледав да научам како, еден помлад господин на цел глас на присутните во редот во поштата им објаснуваше зошто не го сака празникот.
„Жените денес не се она што беа порано – ни објасни социо… логот, да речеме: – Денеска нема жена што не шета. А нашите мајки и баби седеле дома и чувале деца. Затоа татко ми и мајка ми имале брак 50 години. А сега сите се разведуваат. Од жените зависи дали ќе се швалерисуваат. Не можам јас да ве силувам, ако вие не сакате, така ли е госпоѓо?“

Кутрата госпоѓа на која социо…логот, да речеме, ѝ ги објаснуваше маките на нас „мажите“, беше трудна и одвај успеа да изусти по некој збор, за на крајот сепак да му рече: „Не сте во право господине“. Фраерот ме позна, побара поддршка од мене и откако не ја доби, троа се подразочара. На заминување, си помислив: „Па ти Геро и не си толку лош како што изгледаш“. На дамите и мајките од поштата им го честитав празникот и одлучив на враќање дома на трите госпоѓи со кои живеам (сопругата, бабата и малата Искра што го осветлува моето тмурно секојдневие) да им подарам по еден цвет.

Јеби га, Осми март е!

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...