Паралелниот увоз на лекови, што се применуваше во досегашната законска рамка, можеби заштеди одредени средства, но овозможи и увоз на неквалитетни лекови, па дури даваше можност за да се увезат фалсификувани. Придонесе големите фармацевтски компании да заминат од Македонија. Затоа се потребни измени кои ќе ја зголемат сигурноста и ќе го гарантираат квалитетот. Можеби треба да се размислува од законот да се отстранат земјите од каде доаѓаат лекови со сомнителен квалитет или пак тој целосно да се укине.
Ова се дел од ставовите на учесниците на денешната јавна собраниска расправа организирана од Комисијата за здравство за ефектите од примената на паралелниот увоз на лекови.
Министерот за здравство Венко Филипче истакна дека измените што се предложени одат во насока на зголемување на квалитетот и сигурноста, заради што, ќе се бара сертификат од производителот, но и сертификат за испитувањето на тој лек во соодветна лабараторија акредитирана во Македонија. Такви, додаде, има две во Македонија, а ако не може да се испита сертификатот тука, тоа ќе се прави во некоја европска лабораторија. Дополнително, рече, ќе се дава и сертификат за следење на транспортот од производителот до Македонија.
– На ваков начин сме сигурни дека целосно го обезбедуваме квалитетот на лекови што влегуваат во Македонија. Се надеваме и дека ќе ги вратиме големите фармацевтски компани на македонскиот пазар, кои ги затворија претставништвата. Тие не се само индустрија што продава лекови, и вложува во истражување нови – рече Филипче.
Измените како потребни ги оцени и Калина Гривчева Старделова од Лекарската комора, бидејќи рече, и покрај добрата намера да се добијат поефтини цени на лекови, тие треба да бидат најсоодветни и квалитетни.
– Почнавме да се сомневаме во квалитетот на лековите, но се најдовме во состојба да немаме каде да ги пријавиме несаканите дејства, затоа што кога лекот е набавен со паралелен увоз производителот не може да го гарантира квалитетот – рече таа.
За директорот на Агенцијата за лекови и медицински средства Роберт Бекировски паралелниот увоз на лекови е најдобро да се прави со земји со кои Македонија има усогласена регулатива.
– Кога зборуваме за она што го увидовме досега би можеле да кажеме дека ефектите се само од економска природа и резултираа со намалени цени пред се на лековите за болничка употреба. Но, здравството не е обична трговија и екомомските параметри не можат да бидат единствена призма низ која ќе се гледа некој процес – рече тој, додавајќи дека нема податоци за терапевтските исходи на лековите.
Зоран Гучев од Детската клиника од Скопје забележа дека не треба априори да се осудува паралелниот увоз на лекови. Тој, рече, е добар доколку е сигурен и притоа обезбеди и квалитетни и поевтини лекови.
Според него, спорно е што во Македонија нема лабаратории што можат да кажат какви се биолошките ефекти на лековите, туку само за активната супстанца и стерилноста на лекот.
Сертификатите за транспортот, рече, треба да се даваат од производителот до Македонија, но и за серијата која ќе биде увезена во земјава, а не само за било која серија на производителот.
За Весна Стојмирова од Здружението на граѓани за ретки болести „Живот со Предизвици“ решението за да не се доведат пациентите да се третираат со неквалитетни лекови, што неа и се случило како пациент со лек од ваков увоз, е да се отстранат земјите од кои доаѓале спорни лекови.
– Мене сертификатите не ми значат ништо, не ми влеваат сигурност, ниту од производител, ниту кои било кои други, бидејќи од информациите што ги чувме дури 40 посто од овие лекови биле фалисификати – рече таа.
Затоа додаде можеби би било најдобро, законот како што беше донесен така и да биде укинат.
Фото: МИА