Проценката на Коридорот 8 е на две милијарди евра во делот на Македонија, Бугарија и на Албанија, соопшти премиерот Зоран Заев по учеството во Инвестицискиот самит за Западен Балкан во организација на ЕБОР, денеска во Лондон.
– Се зборува за железничко поврзување, патно поврзување, но и со можност да се пуштат и оптички кабли заради дигиталната агенда и поврзаноста на регионот. Зборувавме за проекти кои значат поддршка на енергетиката и производството на енергетиката, енергетското поврзување, но и секако поддршката на компаниите кои треба да инвестираат во целиот овој наш регион. Сето ова на крајот треба да го подигне стандардот на нашите граѓани, затоа што и целта на приближувањето кон ЕУ и полноправното членство, е повисок стандард на граѓаните, односно барем приближно ист или сличен економски стандард ако граѓаните со Западна Европа. Тоа значи, дека без инфраструктура, нема инвестиции – рече Заев.
Тој објасни дека инвестициите можат да дојдат паралелно, заедно со инфраструктурата. Според него, порастот на нашиот Бруто домашен производ (БДП) мора да биде над 4 проценти, за да можат буквално, тоа да го почувствуваат и граѓаните на Македонија и во целиот регион.
– Јас сум убеден дека ваквиот пристап, кој што Европската банка, како еден од најголемите финансиери на крупните инфраструктурни проекти во Македонија и во регионот го води, ќе даде свој резултат, поради тоа што при самата изведба на сите овие капитални проекти се ангажираат многу луѓе, се дава многу работа за домашните компании, кои што во суштина и при самата изградба го подигаат стандардот на граѓаните – додаде тој.
Денеска, на завршетокот на Панелот, беше презентирана и Платформата, каде што сите инвеститори можат да ги добијат сите податоци на едно место, за сите земји, вкупно шесте земји од Западен Балкан, што ќе им помогне да ја направат крупната слика и за одлуките за нивни инвестирања, но и за одлуките каде да учествуваат на тендерите во делот на изградбата на таа голема инфраструктура.
– Таму се значајни податоци, како што е и БДП-то на секоја земја, како што се вкупниот број на жители, потенцијалите на невработеност, за да може и во тие микро-региони да се инвестира, да се намали процентот на невработеноста. Се работи за еден комплексен пакет, кој што треба да овозможи граѓаните и на Македонија и на целиот регион да почувствуваат благосостојба – додаде Заев.