Изборот на Еленовски не е случаен

Се наоѓаме во транзициски период во кој заробената држава се заменува со уценета држава обременета со интересите на политократијата.

1268

Прашањето зошто Човек од доверба на Груевски стана кадар на Владата на СДСМ кое го поставуваат многу медиуми и предизвика интерес на пошироката јавност, е многу посложено и е израз на кризата во која се наоѓа Р. Македонија. Процесите на демонтирањето на заробената држава се на самиот почеток и тие не се само во зоната на институциите (правосудството, безбедносниот систем, управата и др.) туку и пред сѐ во функционирањето на политичките партии.

Станува збор за конфликт помеѓу два политички проекта – интегративниот во кој човекот е основна вредност која ги детерминира сите други вредности (паролата живот за сите) кој е во самиот почеток и е соочен со многу предизвици како внатрепартиски, така и во меѓупартиските односи во кои доминираат поединечните и групни интереси кои, пак, влијаат на демократизацијата на политичките процеси. Вториот, коруптивниот во кој партиите се однесуваат како претпријатија кои се борат за власт за да ја експлоатираат (поточно да ја крадат) државата.

Политиката станува најпрофитабилна професија на која и етноцентризмот е алатка која служи за остварување на коруптивните интереси.

Се работи за многу сложен, суштински, конфликт и поради фактот што ВМРОДПМНЕ, како и ДУИ, не ја доживеаја катарзата која се случи во СДСМ после четирите изборни порази која, како процес, се чини е сѐ уште недовршена и во самиот СДСМ.

Сложеноста на отворањето нови, внатрепартиски, интрапартиски или пак демократски процеси во функционирањето на целината на политичкиот систем, произлегува и од поделеноста на општеството, пред сѐ, по социјална основа, што се одрази и на последните избори. Осиромашениот и социјално загрозен народ е извонреден објект за инструментализација на неговите интереси и по етничка основа во функција на интересите на метастазираната партократија.

Се наоѓаме во транзициски период во кој заробената држава се заменува со уценета држава обременета со интересите на политократијата. Случаите Еленовски или Ташковиќ или пак постојаното рециклирање на владеечките структури за да се задоволат интересите на поединци и групи, за да се сочува по секоја цена функцијата и сл. се само последица на закочените или пак декларативно прифатените определби за демократски промени, пред сѐ, во политичките партии. Сѐ останато е само последица на таквите состојби.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...