Иванов потврди дека барал сертификати за новинари, за да се штити од лажни вести

170

Претседателот Ѓорѓе Иванов потврди дека барал да се издадат безбедносни сертификати на новинари со цел тие да учествуваат во работни тела на седниците на Советот за безбедност кој треба да ја донесе стратегијата за одбрана.

„Во процесот на спроведување на итните реформски приоритети врзани за прашања за безбедноста, но и законската обврска на Претседателот на Република Македонија да ја донесе стратегијата за одбрана, советот планира активности во кои сметаме дека треба да бидат вклучени и стручни лица – новинари. Согласно законските одредби за работа за класифицирани податоци, новинарите треба да имаат издаден безбедносен сертификат од надлежен државен орган ДБКИ“, велат од кабинетот на Иванов.

Оттаму додаваат дека намерата на претседателот била новинарите да му дадат сугестии како да ја информира јавноста и да ја подигне свеста и безбедносната култура за работата со класифицирани иформации. Таквата намера доаѓа заради, како што потенцираат од кабинетот, постоење на висок ризик од генерирање на лажни вести и планиран истек на информации што врши ерозија на институциите.

Од вилата на Водно, додаваат и дека претседателот на Здружението на новинари, Насер Селмани, е погрешно информиран. Селмани, пак, на прес-конференција реагираше дека Иванов на почетокот на јануари на дваесетина новинари им доделил безбедносни сертификати кои ги обврзуваат новинарите да не издаваат информации од неговиот кабинет. Новинарите, како што посочи Селмани, биле повикувани во групи од 5-10 луѓе, и им било давано да потпишаат, меѓутоа тие не знаеле што потпишувааат ниту пак, можеле да се консултираат со нивните редакции бидејќи мобилните им биле одземени при влезот.

– Доделувањето на вакви сертификати за новинари претставува притисок врз новинарската професија затоа што новинарите од стожери на јавниот интерес ги претвора во државни службеници. Ваквиот непромислен потег на Иванов ја загрозува слободата на медиумите и претставува обид за контрола затоа што поврзувањето на новинари со безбедносните служби дополнително ќе ја зајакне само цензурата во медиумите – рече Селмани.

Од ЗНМ побараа Иванов да ја запре постапката на издавање, а новинарите да се откажат од сертификатите.

Засега, останува нејасно за тоа каков од четирите нивоа на сертификати, сакал да издаде претседателот и зошто воопшто е потребен безбедносен сертификат ако целта е само да се консултира со новинарите за како да ја информира јавноста и да ја подига јавната свест за да се заштити од лажни вести.

Инаку, според Законот за класифицирани информации, сертификатите ги издава Дирекцијата за безбедност и класифицирани информации (ДБКИ) која е самостоен орган на државната управа. Постојат четири нивоа на сертификати почнувајќи од највисокиот „Државна тајна“ кон пониските: „Строго доверливо“, „Доверливо“ и „Интерно“. За секое од нив, зависно од степенот, се врши безбедносна проверка од која дел е во надлежност и на МВР.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...