Претседателот Ѓорге Иванов, во телефонски разговор му ја честиташе победата на претседателските избори на претседателот на Арапска Република Египет, Абдел Фатах Ал–Сиси, посакувајќи му многу успех во извршувањето на одговорната функција.
Претседателот Иванов, информираат од неговиот кабинет, изрази уверување дека односите меѓу Република Македонија и Арапска Република Египет, ќе продолжат да се развиваат во духот на пријателството, меѓусебното разбирање и почитување.
– Во телефонскиот разговор, одржан вчера попладне, македонскиот претседател изрази задоволство од одличниот политички дијалог со претседателот Ал-Сиси, порачувајќи дека под негово водство се реализираше новиот период на взаемно партнерство, доверба и пријателство меѓу двете држави. Двајцата претседатели се заложија за натамошно унапредување на севкупните билатерални односи преку интензивирање на соработката во сите сфери од взаемен интерес, особено во областа на економијата и трговската размена, како и во сферата на безбедноста и разузнавањето – се вели во соопштението до Кабинетот на Иванов.
Претседателот Иванов, се додава, изрази надеж дека Египет под раководство на претседателот Ал-Сиси, и во иднина ќе биде земја-лидер и гарант на безбедноста, сигурноста и мирот во регионот на Северна Африка.
За време на телефонскиот разговор двајцата претседатели договорија реализација на возвратна официјална посета на претседателот Ал-Сиси на Република Македонија.