Интернационалната Ромска Унија (ИРУ) е против предлогот на директорот на Заводот за статистика, Апостол Симоски при пописот на населението да се исфрлат графите за етничка припадност и вероисповест.
Според ИРУ таков попис би бил невалиден.
– Недостатокот од вакви податоци ќе предизвика потешкотии за следење на социјалните движења на ромската заедница и за зачувување на културните и социјалните карактеристики и би се соочиле со последици од недостаток на база на податоци од ваков карактер. Графата за етничка припадност е од особена важност за ромската заедница која живее во Македонија, бидејќи државата се обврзала да ја спроведува Стратегијата за Роми 2014 – 2020 од која произлегуваат многу афирмативни мерки кои се врзани со етничката припадност- вели Зоран Димов, претседател на ИРУ.
Тој додава дека ваквиот предлог е тенденциозно насочена посебно кон помалите етнички заедници како што е и Ромската, кај кои одреден број на оваа популација освен мајчиниот користи и други јазици најчесто на поголемите заедници во Македонија и овој обид би водел кон тоа да се манипулира со луѓето вештачки да се претопаат во поголемите заедници во Македонија.